Со свечена академија под покровителство на Али Ахмети одбележан Денот на албанското знаме

Со свечена академија денеска во Скопје беше одбележан 28 Ноември – Денот на албанското знаме, организирана под покровителство на претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети.

Претседателот на Собранието Талат Џафери во својот говор истакна дека присутните на свечената академија се собрале да слават заедно исто како што се заедно во стратешките определби за евроатланските аспирации.

„Заедно сме во НАТО. Заедно ќе бидеме и во Европската Унија, бидејќи нашата заедничка државна и регионална определба за евроинтеграции е единствениот водич кој нѐ мотивира да работиме посветено и неуморно за да станеме дел од големото европско семејство. Таму, заедно со истите вредности и стандарди, ќе придонесеме за подобар свет за идните генерации“, рече спикерот Џафери.

Тој нагласи дека Унијата и соработката се единствениот начин на кој може да се надмине секоја пречка и затоа, како што рече, евроинтеграцијата нема алтернатива и тоа е единствениот правец.

„Ние сме на еден ист брод. Патуваме кон една цел и важно е да направиме сѐ што е во наша моќ за да го одржиме тој брод во вистинска рамнотежа, особено сега кога имаме уште посериозни причини да ги здружиме силите, имаме добра волја и конкретно дејствуваме во солидарност со украинскиот народ“, потенцира Џафери.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, истакна дека денешниот е ден кога Албанците се потсетуваат на сите оние кои пролеале крв за албанското знаме.

„Албанците насекаде денес слават. И сите средби коишто се остваруваат се во рамките на одбележувањето на овој настан и испраќањето честитки по повод Денот на албанското знаме“, рече Ахмети.

Прочитајте и:  Меџити: Прашањето со екстрадицијата на Рамадани треба да го решиме генерално, а не случај по случај

Амбасадорот на Албанија во земјава, Фатос Река, истакна дека годинешните прослави се уште позначајни бидејќи е јубилејна година, како и поради фактот што, како што рече, „нашите земји Албанија и Северна Македонија добија покана од Европската Унија на 19 јули за почеток на пристапните преговори со ЕУ“.

„Историјата ни докажува дека нашите народи секогаш морале жестоко да се борат за да ја зачуваат својата слобода. Затоа, меѓусебната поддршка меѓу соседите во регионот добива посебно значење. Војната во Украина уште еднаш нѐ потсети дека владејачките агресии не се ни депонирани во аналите на историјата или каква било политичка реторика, туку се вистинска закана за целото човештво, за нашиот континент и планета“, рече Река.

Амбасадорот на Косово во Скопје, Флоријан Ќехаја, пак, истакна дека на овој ден Албанците се сеќаваат на сите оние кои се жртвувале во различни историски фази за да ги постигнат легитимните цели за еднаквост со другите народи и достоинствено да живеат.

Свечената академија беше збогатена и со културно-уметничка програма.

На 28 ноември, Албанците од целиот свет го обележуваат истакнувањето на албанското знаме во Тврдината во Круја во Албанија во 1443 година и во Валона во 1912 година.

Ѓерѓ Кастриоти Скендербег, на овој датум во 1443 година, го подигнал албанското национално знаме во Тврдината во Круја, додека на 28 ноември 1912, Исмаил Ќемали го истакнал знамето во Валона. На 28 ноември 1912 во Валона е одржано и Националното собрание со 37 делегатии, кое ја прогласило независноста на Албанија.

Извор: МИА
Фото: Фејсбук профилот на Али Ахмети

- Реклама -