Гроси: Нападите врз нуклеарната централа „Запорожје“ се апсолутно намерни, ова лудило мора да престане

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) – Рафаел Гроси, ги карактеризираше вчерашните напади врз украинската нуклеарна централа во Запорожје како „апсолутно намерни“ и предупреди дека ситуацијата е „сериозна“.

„Повеќе од десет напади беа насочени директно кон разводната табла“, рече Гроси во интервју за француската онлајн телевизија BFMTV.

Тој не им ја препиша одговорноста на руските или украинските сили, но оцени дека е неверојатно некој да ја смета нуклеарната централа за легитимна воена цел.

„Кој и да е, ова лудило треба да се престане. Луѓето кои го прават ова знаат каде удираат. Тоа е апсолутно намерно и насочено“, рече првиот човек на МААЕ.

Прочитајте и:  Германија прави попис на бункери и засолништа во случај на руски напад, ги охрабрува и граѓаните да си направат и свои

Русија и Украина и натаму меѓусебно се обвинуваат за гранатирањата врз централата лоцирана на југот на Украина, која е под контрола на руската армија. Русија бара Западот да го притисне Киев да престане со гранатирањата. Зеленски, пак, го повика НАТО да ги заштити украинските нуклеарни централи.

„Централата е на првата линија на фронтот, а постојат воени активности што е многу тешко да се идентификуваат“, рече Гроси, додавајќи дека двајца инспектори на МААЕ се на терен и ја проценуваат ситуацијата во централата.

Според него, оштетувања имало на чувствителните области.

„Не беа погодени реакторите, туку зоната каде што има и свежо и употребено гориво“, рече Гроси.

Извор: МИА

- Реклама -