Полска не му дозволи влез на Лавров за да присуствува на состанок на ОБСЕ, Москва гневна

Русија ја осуди и ја оцени како провокативна одлуката на официјална Варшава која одби да му дозволи на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров да влезе на нејзина територија, каде што требаше да учествува на состанокот на шефовите на дипломатиите на ОБСЕ.

„Одлуката на Полска е провокативна и без преседан. Варшава не само што се дискредитираше на овој начин, туку и нанесе непоправлива штета на авторитетот на целата организација за европска безбедност и соработка“, се вели во соопштението на руската дипломатија.

Полска, која го организира министерскиот состанок на ОБСЕ на почетокот на декември, вчера соопшти дека на Сергеј Лавров му бил одбиен влез на полска територија.

Прочитајте и:  Туск: Војната во Украина влегува во одлучувачка фаза, заканата од глобален конфликт е сериозна и реална

„Очекуваме Руската Федерација да ги избере членовите на својата делегација во согласност со сегашните прописи“, изјави извор од ротирачкото полско претседателство со ОБСЕ. Истиот извор рече дека руската делегација не треба да испраќа „лица кои се санкционирани од Европската унија“ на состаноците по руската офанзива врз Украина која започна на 24 февруари, а меѓу нив е и Сергеј Лавров.

Состанокот на 57-те министри за надворешни работи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) ќе се одржи на 1 и 2 декември во Лоѕ, град во централна Полска. Официјална Москва соопшти дека руската делегација ќе ја предводи рускиот амбасадор во ОБСЕ, Александар Лукашевич.

Извор: МИА

- Реклама -