Ковачевски: Би го пуштил моето дете во студентски дом, таму ќе научи како е без три топли оброци од мама и тато и без топла соба на паузите

„Дел од студентските домови се наоѓаат во добра состојба. Сепак, со министерот за образование Јетон Шаќири разговаравме за тоа оние студентски домови што се во лоша состојба, во текот на 2023 година да бидат вклучени во планот за инвестиции што ќе опфаќа комплетно реновирање на санитарните чворови и на сѐ она што е потребно да се реновира“, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски на прашање на МИА, по денешниот увид на градежните работи на тунелот Кичево-Охрид.

Ковачевски посочи дека во добра состојба е студентскиот дом „Гоце Делчев“, во чие што реновирање и во чија што дигитализација, потенцираше, тој лично учествувал од позиција на едно од неговите претходни работни места.

Ковачевски беше прашан и дали би пуштил свое дете да живее во студентски дом.

„А дали јас би го пуштил моето дете во студентски дом – да, би го пуштил детето во студентски дом, затоа што таму ќе научи како живеат децата од Македонија кои секојдневно патуваат од други градови и се борат за својата иднина, да завршат факултет, да станат добри и достојни граѓани, а ја немаат привилегијата мама и тато да им готват трипати на ден топол оброк, и за време на паузите да седат во топла соба“, рече премиерот.

Тој потенцираше дека студентски стандард не значи само студентски оброк, иако, како што рече, во разговорите со студентите, во кои тој беше лично вклучен, главната дискусија започнала во однос на студентскиот оброк.

„Прво мора да се навратиме дека студентскиот оброк е воведен токму од оваа Влада, пред тоа немало никогаш воведен студентски оброк за студенти. И јас кажав дека студентите се тие кои ние мора да ги почитуваме и да ги слушаме, бидејќи сѐ што правиме правиме за нив, бидејќи тие се иднината на нашата држава. Студентски стандард значи и стипендии за добрите ученици од средни училишта коишто немаат доволно финансиски средства да студираат, и затоа оваа Влада ги изедначи стипендиите“, рече Ковачевски, посочувајќи пример со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое додели дополнителни стипендии за студентите од Земјоделскиот факултет.

Прочитајте и:  Митева: Филипче, Заев и Ковачевски свесно ја втурнаа Македонија во црно сценарио, да биде оставена сама на Балканот и неинтегрирана

Во однос на студентските домови, Ковачевски смета дека и опозицијата и претседателот на државата најмалку имаат право да зборуваат за оваа тема бидејќи, како што рече, ни едниот, ни другиот, никогаш не влегле во студентски дом, со оглед на тоа дека се од Скопје.

„Јас можам да зборувам за студирање во Скопје, бидејќи секое утро во шест наутро со автобус доаѓав во Скопје. Предавањата и вежбите траеја до 8 навечер, и во паузите кога нема каде да одите, одев кај Горан Георгиев од Берово во Кузман, кај Игор Георгиев од Дојран, до кај Миле од Дојран во Кузман исто, кај Рашо во Кузман, од Кавадарци, кај Игор од Прилеп во Гоце Делчев, кај Горан во Медицинар, бидејќи кога имате три четири саати слободно, а немате каде да одите, а времето е вакво како што е денес, тогаш одите во студентски дом. Така да, јас можам да зборувам“, изјави Ковачевски.

Извор: МИА

- Реклама -