Касами: Уставни измени ако се тргне „20 отсто“, но без промени на Бадентер и балансерот за етничка застапеност при вработувања

Политичкиот дискурс околу уставните измени треба да се одвива за тргнување на одредницата 20 отсто за употребата на албанскиот јазик, но не и за промени околу употребата на Бадентеровото мнозинство и балансерот за вработувања, изјави денеска на прес-конференција претседателот на Движење Беса (и градоначалник на Тетово) – Биљал Касами.

Според него, тоа не се две исти работи – „20 отсто“ вели тој, е дефиниција за јазикот за тие кои се над 20 отсто.

„И со последниот попис се докажа дека повеќе од 20 посто се Албанците во Македонија и нема некој друг народ кој е блиску до 19, па да чекаме дали ќе се исполни тој услов. Што се однесува до другите механизами за поддршка на немнозинските заедници, мислам дека тоа е во делот на регулирањето на државата. Така да, мислам дека не е време за отворање на такви теми кои сигурно, доколку би се отвориле, би биле во правец на подобрување на позицијата на немнозинските заедници. Меѓународното и европското право не познава можност со демократски механизми да се уназадат правата на немнозинските заедници. Сме подготвени да разговараме и за таа тема, но во правец на подобрување на правата на сите етничките заедници во Македонија, освен македонската етничка заедница која ја има државотворноста и сите права“, истакна Касами.

Прочитајте и:  Честитка од Ахмети за Денот на албанската азбука: До вчера го унапредувавме, денеска мора да го браниме албанскиот јазик 

Тој вели дека како Движење Беса имаат редовни консултации со меѓународните партнери, а партијата ги поддржува сите активности за уставните измени и забрзување на интеграцискиот пат на Македонија.

МИА

- Реклама -