Г7 бара Русија да ја врати нуклеарната централа Запорожје под „целосна контрола на вистинскиот сопственик“

Групата седум најразвиени земји во светот (Г7), денеска се огласи по повод тврдењата на Киев за киднапирања на членови на раководството на нуклеарната централа Запорожје од страна на руските сили и ги осуди таквите „киднапирања“, при што ја повика Русија на итно враќање на целосна украинска контрола над нуклеарната централа.

„Го осудуваме повеќекратното руско киднапирање на раководството и персоналот на украинската нуклеарна централа Запорожје“, се вели во соопштението на Г7, во кое се повикува Русија веднаш да ја врати целосната контрола врз централата на „нејзиниот вистински сопственик, Украина“.

На крајот на септември, украинската државна компанија за нуклеарна енергија „Енергоатом“ соопшти дека руските сили го киднапирале и одвеле на непозната локација генералниот директор Игор Мурашов (кој потоа беше ослободен). На 11 октомври, „Енергоатом“ го соопшти истото за заменик-директорот Валери Мартинјук. На 17 октомври, компанијата објави дека Русите ги киднапирале шефот на службата за информатичка технологија Олех Костјуков и помошникот генерален директор на електраната Олех Ошека.

Прочитајте и:  Џентилони: Г7 ќе има рамковен договор за заем од 50 милијарди долари за Украина до октомври

На почетокот на октомври, рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ со кој Запорожје беше ставена под руска сопственост. На 14 октомври, Александар Волга – од Москва поставениот градоначалник на Енергодар, каде што се наоѓа централата, соопшти дека Запорожје почнува да работи по руски стандарди.

Централата е под контрола на руските сили уште од март, а Москва и Киев постојано меѓусебно се обвинуваат за гранатирање на регионот и кругот околу Запорожје, поради што во повеќе наврати настрадуваше електричната мрежа неопходна за работата и безбедноста на Запорожје.

- Реклама -