Украина може да го врати Крим до следното лето, смета поранешен американски командант

Вашингтон, 16 октомври 2022 (МИА) – Поранешниот командант на американските сили во Европа, генерал Бен Хоџис, смета дека полуостровот Крим окупиран од Русија може да биде ослободен до летото следната година, јави ДПА.

„Кога ја гледам ситуацијата, гледам дека положбата за Русите се влошува секоја недела. Тие велат дека војната е тест на волјата и логистиката, а и во однос на двете точки Украина има значителна предност“, рече Хоџис во интервју за германскиот дневен весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

„Русите мора да ја загубат (војната) или ќе се обидат повторно за две или три години“, рече тој.

Според него, „единствената надеж“ на руското раководство е Западот да се поколеба во поддршката за Украина.

Прочитајте и:  Песков: Русија соодветно ќе одговори ако САД ѝ дозволат на Украина да напаѓа длабоко на руско тло со американско оружје

„Затоа прават сѐ што можат за да ја продолжат војната и да шират страв и несигурност на Запад. Се користат секакви начини: младите луѓе кои сега се регрутираат во армијата како топовско месо, како и напади против инфраструктура на Запад“, оценува Хоџис.

„Затоа, мислам дека во следните недели и месеци ќе видиме повеќе акти на саботажа и напади, или барем обиди“, рече тој.

- Реклама -