Мицкоски: Го честитам овој голем македонски ден – почетокот на борбата за ослободување од бугарскиот фашистички окупатор

„Ќе ми дозволите да го честитам овој голем македонски празник, голем македонски ден, а тоа е почетокот на борбата на македонскиот народ за ослободување од бугарскиот фашистички окупатор за време на Втората светска војна“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска при посетата на Прилеп, каде заедно со градоначалникот Борче Јовчески најави пролетна градежна офанзива во овој град.

„Многу значај овде во Прилеп, бидејќи токму од тука од Прилеп е започната таа борба на ослободување која што денес практично ја донесе оваа независна, суверена македонска држава во срцето на Балканот“, додаде Мицкоски.

Според него, на тоа не треба да се гледа онака како „власта што не тера да гледаме“, туку од аспект на вистината. Вистината, како што потенцираше, е дека за време на Втората светска војна бугарските фашисти извршиле злостор на територијата на денешна Македонија, а македонскиот народ се обединил и го поразил тој злостор, со што македонскиот народ веднаш после Втората светска војна бил на вистинската страна на историјата.

„Така е и денеска, така ќе биде и во иднина. Ќе се бориме против фашистите, а Македонија била и ќе остане антифашистичка држава“, порача Мицкоски.

Претходно, во честитката по повод празникот што ја упати преку Фејсбук, Мицкоски посочи дека 11 Октомври е нашето свето антифашистичко наследство на кое сите граѓани на Македонија треба да се гордеат, затоа што застанале на вистинската страна на историјата и на тој начин го оствариле вековниот стремеж на илјадници други знајни и незнајни јунаци за слободна Македонија.

Прочитајте и:  Стопанската комора му додели награда на премиерот Мицкоски

„Оваа борба беше континуитет на стремежот на кресненските и разловечките востаници, на Гоцевите идеали, жртвата од Илинденската епопеја и вербата на плејада млади синови и ќерки кои веруваат во слободата, во човечките правдини и во Македонија“, наведе Мицкоски.

Тој порача дека борбата за Македонија никогаш не престанува, било да е тоа борба за напредок и подобар живот, било да е тоа борба против, како што вели, повампирените хегемонистички апетити кон Македонија.

„Токму денешниот празник е најдобар доказ дека идеалот за Македонија и патриотизмот е најсилно оружје на еден човек. Партизаните, тој 11 Октомври 1941 година, како и нивните претходници револуционери, покажале невиден хероизам да се спротивстават на фашистичкиот и секој друг окупатор на татковината затоа што ги водела љубовта кон Македонија. Таа љубов гори во нас и нема да дозволи никој да се пазари со националните и државните интереси.

Нека е вечна славата и споменот на сите знајни и незнајни борци за Македонија.
Нека е вечен празникот 11 Октомври.
Нека е вечна Македонија“, напиша Мицкоски.

- Реклама -