Русија изврши жестоки ракетни напади ширум Украина, ракетиран и Киев, има загинати цивили

Низа ракетни напади изврши денеска Русија врз повеќе украински градови, вклучително и врз главниот град Киев, каде последниве месеци беше релативно мирно.

Неколку силни детонации утринава одекнале во центарот на украинската престолнина, десетици минути откако се огласиле сирените за воздушен напад, јавија новинарите на странските агенции од местото на настанот. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, извести дека имало експлозии во областа Севченко во центарот на Киев, која го опфаќа историскиот стар град, како и неколку владини згради. Предмалку, во главниот град повторно се огласиле сирените за воздушен напад, објави на Твитер Или Пономаренко од „Киев индипендант“.

Заменик шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски – Кирило Тимошенко, објави дека Украина се наоѓа под ракетни напади и има информации за многу напади во градови низ земјата. Според украинските власти, руските сили утрово во координираниот ракетен напад погодиле неколку украински региони, вклучително и градовите Лавов и Харков, покрај Киев.

Во нападите има повредени цивили. Според последните информации од украинската државна служба за итни случаи, најмалку 11 лица загинале, а 64 се повредени во нападите. Само во Киев, според помошникот на украинскиот министер за внатрешни работи, Ростослав Смирнов, 8 цивили загинале а 24 се ранети. Шест автомобили се запалиле, а повеќе од 15 возила биле оштетени.

Во Харков, руските проектили погодиле и локација на енергетската инфраструктура, што предизвикало прекини во снабдувањето со електрична енергија и вода во некои области на градот, изјави градоначалникот на Харков, Игор Терехов.

Над Харков се регистрирани три летови на проектили и „специјалистите и комуналните работници прават сѐ што можат за да го вратат нормалниот живот во Харков“, напиша тој на Телеграм.

Прочитајте и:  Полска компанија илегално испорачала стотици илјади парчиња швајцарска муниција во Украина

Регионалниот шеф на Харков, Олег Синегубов, исто така, ги потврди нападите. Тој ги повика жителите да останат во засолништата, затоа што се очекуваат уште напади.

Без струја останаа и делови од градот Лвов во Западна Украина, откако во нападите била погодена клучна инфраструктура, соопшти градоначалникот Андреј Садови. Како што соопшти тој на Твитер, експлозии се случиле во „критична инфраструктурна локација“ и работата на термоелектраните во градот е „привремено прекината“.

„Во моментов нема топла вода. Вклучени се генератори на неколку пумпни станици за да се врати водоснабдувањето во градот. Дел од градот е без струја“, информираше тој, додавајќи дека една третина од семафорите во градот не работат, па затоа, откако ќе запрат тревогите, најфреквентните раскрсници ќе ги регулираат сообраќајци.

Како што информираше премиерот на Украина, Денис Шмигал, во нападите се оштетени 11 важни инфраструктурни објекти во осум региони и во главниот град Киев.

„Сега некои области се отсечени, потребно е да се подготвиме за привремени прекини на струјата, водоснабдувањето и комуникациите“, објави Шмигал на Телеграм.

Според началникот на генералштабот на украинската армија, Валериј Залужни, Русите денеска истрелале 75 проектили, од кои 41 биле соборени од воздушната одбрана на Украина.

„Вооружените сили прават сѐ за да ги заштитат сограѓаните. Сепак, непријателскиот напад продолжува. Ги повикувам сите да останат во засолништа!“, напиша тој.

Украинското Министерство за одбрана на Фејсбук напиша дека ќе се одмазди за денешните руски ракетни напади.

„Никогаш нема да се предадеме. Ќе се бориме“, порачаа од министерството.

Извор: МИА

- Реклама -