МААЕ: Нуклеарната централа Запорожје го загуби последниот извор на надворешна енергија, прекинато електричното напојување

Виена, 8 октомври 2022 (МИА) – Украинската нуклеарна централа Запорожје го загуби последниот извор на надворешна енергија поради нови бомбардирања и сега се потпира на помошни генератори, соопшти денеска Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

Фабриката, која беше окупирана од Русија, а потоа прогласена за нејзин имот, ја добива електричната енергија потребна за ладење на реакторот и другите функции неопходни за безбедноста на централата и нуклеарната безбедност, исклучиво благодарение на дизел генераторите, соопшти агенцијата на ОН.

Струјата на централата беше прекината околу 1 часот по полноќ по локално време, соопшти МААЕ, додавајќи дека се потпира на официјалните информации од Украина, како и на извештаите од нејзиниот тим од четворица експерти со седиште во централата.

„Постојаното гранатирање што го погоди единствениот надворешен извор на енергија на централата е целосно неодговорно“, рече генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси.

Прочитајте и:  Британски министер: Русија може да ја нападне нашата енергетска мрежа

„Наскоро ќе отпатувам за Руската Федерација, а потоа ќе се вратам во Украина за да договорам заштитна зона и зона за нуклеарна безбедност околу централата. Ова е апсолутен и итен императив“, додаде тој.

Украинскиот оператор „Енергоатом“ рано утринава на Телеграм напиша дека е оштетен и прекинат последниот приклучок за струја поради руските бомбардирања.

Иако шесте реактори на централата се исклучени, сè уште ѝ е потребна електрична енергија за виталните безбедносни функции и за нуклеарната безбедност.

Дизел генераторите во централната станица имаат доволно гориво за најмалку десет дена работа.

Русите и Украинците меѓусебно се обвинуваат за воените операции околу централата.

- Реклама -