Прашањето на Левица за референдумот е збунувачко и нејасно за граѓаните, вели Пендаровски

„Прв ќе излезам на гласање на евентуален референдум, и тоа изутрината во 7 часот на гласачките места, доколку прашањето гласи: ‘Дали сте за тоа Северна Македонија да стане членка на Европската унија?’ “, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за „Слободен печат“, во контекст на иницијативата на Левица за референдум во врска со продолжувањето на пристапните преговори со ЕУ под дадените услови (францускиот предлог).

Партијата денеска до архивата во Собранието го достави барањето за спроведување задолжителен референдум на државно ниво, на кој, доколку се одржи, граѓаните би одговарале на прашањето „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година“. Според Пендаровски, таквото прашање е збунувачко и нејасно.

Прочитајте и:  Инцидент во Собранието, за малку избегната физичка пресметка меѓу Апасиев и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ

„Прашањето кое Левица сака да го употреби во референдумското изјаснување е збунувачко и нејасно за граѓаните. Истото го повторувам периодов кога станува збор за референдум и кога ваква слична иницијатива поднесе и ВМРО-ДПМНЕ. Против сум вакви прашања, кои сега Левица ги пласира, во кои содржат збунувачка содржина“, вели Пендаровски.

Извор: МИА

- Реклама -