Париз, 6 септември 2022 (МИА) – Соочени со зголемените цени на енергијата, кои ги погодуваат сите аспекти од секојдневниот живот, како што се јавните услуги, базените исто така мораа да ги затегнат ремените. Компанијата ВертМарин, која управува со десетици базени во Франција во име на локалните власти, најави затворање на неколку објекти, сметајќи дека повеќе не може да се справи со зголемените сметки, јави дописникот на МИА.
Компанијата ВертМарин мораше да затвори „на привремен период“ една третина од своите претпријатија и да постави „вработени со делумна невработеност“, посочи таа во соопштението за печатот.
Сметката за енергија на оваа компанија која има делегиран јавен сервис е зголемена од „15 на 100 милиони евра“, односно „целиот годишен промет на компанијата“. Компанијата, која е во дискусии со територијалните заедници од јуни, не може да најде решение во оваа фаза, вели таа во соопштението. Таа вели дека не сака да се помножат цените за три пати. Оттука, апелира „до локалните власти и владата да ги преземат неопходните и невидени одлуки за враќање на подносливите трошоци за енергија и да дозволат преземање на обврските за јавни услуги, а на прво место учење на пливање особено во училиштата“, објаснува оваа компанија која има 2.000 вработени.
Многу големи енергетски потрошувачи, овие водни претпријатија забележаа експлозија на нивните трошоци во последниве месеци. Според Урбан Франција, која ги обединува метрополите и големите градови на Франција, од 4.000 водни комплекси во Франција, 10 отсто се управувани од делегација на јавен сервис. „Општо земено, сметката за енергија на метрополите е двојно зголемена, или уште повеќе“, се вели во него. Дополнително, „60 отсто од јавните базени се стари над 30 години, и имаат голема потрошувачка во однос на вода, вентилација, опрема, изолација, тушеви … Тие се исклучително скапи“, додава истиот извор.