Директорот на „Шел“ тврди дека Европа со години нема да има доволно плин

Хаг, 30 август 2022 (МИА) – Првиот човек на холандскиот нафтен гигант „Шел“, Бен ван Берден, предупредува дека Европа може да се соочи со ограничен пристап до енергијата и повеќе од само една зима.

Директорот на најголемата европска нафтена компанија верува дека кризата може да потрае и неколку години, откако цената на бензинот минатата недела скокна на рекордно ниво, во екот на дополнителното намалување на испораките од Русија, што е сигнал дека целиот Стар континент може да падне во длабока рецесија, пренесуваат британските медиуми.

„Кризата ќе ја доведе во искушение солидарноста на земјите-членки на Европската унија, имајќи предвид дека секоја влада ќе биде принудена да одлучи како да обезбеди континуирано работење на клучните индустриски сектори“.

Прочитајте и:  Министри на ЕУ членки: Путин продава лаги за руската економија, која со „советизацијата“ оди кон пропаст

„Притисоците врз снабдувањето со енергија веројатно нема да бидат ограничени само на една зима“, смета Ван Берден.

„Сосема е можно да имаме неколку зими пред нас во кои ќе треба да најдеме решенија преку заштеди, намалувања и многу брзо наоѓање алтернативи“, рече тој.

„Дека периодот пред нас ќе биде некако лесен или дека се’ ќе заврши брзо, мислам дека тоа е фантазија која треба да ја оставиме на страна“, заклучи првиот човек на „Шел“.

- Реклама -