Денот на независноста на Украина одбележан и на плоштадот „Македонија“ во Скопје

Истовремено во 50 држави во светот, вклучувајќи ја и нашата, денеска беше пуштена украинската химна по повод одбележување на 24 август – Денот на независноста на Украина. Преку формирање жив синџир беше поставен светски рекорд за изведување на Националната химна на Украина, во рамки на глобалната иницијатива „The free world gathering“.

Одбележувањето на плоштадот „Македонија“ во Скопје го организираа Амбасадата на Украина во земјава и Здружението на Украинци „Лесја Украинка“.

На одбележувањето, поддршка за Украина дадоа и амбасадорите на Германија, Соединетите Американски Држави, Холандија и Шведска во земјава.

Руман Буга, прв секретар во Украинската амбасада, порача дека војната во Украина промени сѐ, како за земјата, така и за Европа и за светот.

„Да се потсетиме на патот по кој ние Украинците тргнавме и колку успеавме да промениме. Украинците докажаа дека се непобедливи. Им благодариме на сите кои ја покажаа својата сила во ова време, сите кои се бореа и се борат за Украина и им помогнаа на нашите војници. Благодарност и до сите наши пријатели ширум светот за помошта и поддршката за Украина“, додаде тој.

Прочитајте и:  Песков: Русија соодветно ќе одговори ако САД ѝ дозволат на Украина да напаѓа длабоко на руско тло со американско оружје

Олександар Урбановиќ од Здружението „Лесја Украинка“ се заблагодари на Северна Македонија за помошта, опишувајќи ја како „мала земја со лавовско срце“.

„Дадовте дури и повеќе од што можевте и никогаш нема да заборавиме. 24 Август за Украинците е најзначаен празник бидејќи независноста е токму тоа за што се бори денес Украина“, порача Урбановиќ.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во денешното обраќањето по повод Денот на независноста вети дека неговата земја ќе се бори против руската инвазија „до крај“ и нема да прави „никаква отстапка или компромиси“.

Инвазијата на Русија врз Украина почна пред шест месеци, а утрово одекнаа експлозии во Харков, североисточниот дел на Украина, како и во централните градови Запорожје и Днепар, соопштија локалните власти.

Украина прогласи независност од СССР на 24 август 1991 година, а нејзината независност е финализирана на 25 декември истата година. Службен јазик во државата е украинскиот, а доминантна религија е православието.

Извор: МИА

- Реклама -