„Можеби е дојдено времето да се однесуваме европски и наместо да гледаме низ балансер, да гледаме низ мерит систем за влегување во јавниот сектор, затоа што сите, на крај на денот, покажуваме со прст дали тие кои се во јавниот сектор обезбедуваат доволно услуги кон нашите граѓани“, изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на ТВ „Сител“, прашан за актуелните случувања со балансерот за вработување во јавниот сектор по етничка припадност.
Битиќи, како што рече, смета дека треба полека да се размислува да се напушти таквиот систем.
„Ова е мој личен став независно од функцијата. Доаѓа време полека да видиме дали е дојдено времето, по дваесет години од постоењето на балансерот, да влезме во нова ера. Впрочем, преговорите за ЕУ треба да бидат поттик за сите нас како носители најавни функции да зборуваме за мерит систем наспроти одредени проценти“, рече Битиќи, изразувајќи увереност дека ќе се отвори дискусија по тоа прашање, со оглед на тоа што, како што потенцираше, во Стратегијата за „Едно општество за сите“ донесена пред три години, меѓу другото, се зборува и за постепено напуштање на балансерот.
Извор: МИА