Столтенберг: НАТО е подготвен да интервенира на Косово ако е потребно

Брисел, 17 август 2022 (МИА) – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, попладнево се сретна со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Во седиштето на Алијансата, тие разговарале за последните инциденти на северот на Косово, јави дописничката на МИА од Брисел.

По Вучиќ, Столтенберг веднаш попладнево се сретнува и со косовскиот премиер, Албин Курти, на истата тема.

На крајот на јули ситуацијата на северот на Косово се вжешти по одлуката на косовската влада да им бара на Србите од Косово влез со привремени документи, наместо српски лични документи, и побара да бидат сменети регистарските таблички на возилата од српски на косовски во рок од два месеца.

Ситуацијата набрзо се смири, но никој во регионот, но и во НАТО и ЕУ не исклучува повторна ескалација.

Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, порача попладнево за време на прес конференција со Александар Вучиќ дека КФОР, мисијата на НАТО на Косово, е подготвен да реагира брзо и пропорционално во случај на ескалација.

„Ситуација на терен е подобрена“, рече шефот на НАТО, повикувајќи ги лидерите на двете земји да избегнуваат насилството и ескалација.

НАТО, рече тој, ќе продолжи од блиску да ја набљудува ситуацијата.

„Доколку стабилноста биде загрозена, подготвени сме да интервенираме и да ја обезбедниме стабилноста и безбедноста и слободното движење на сите лица на северно Косово“, изјави Столтенберг.

За првиот човек на Северноатлантската алијанса, единствениот пат напред е дијалогот помеѓу Белград и Приштина во рамките на ЕУ. Утре во Брисел се одржува нова рунда разговори овој пат меѓу двајцата лидери – Вучиќ и Курти.

„НАТО е подготвен да интервенира во пократок рок, имаме таму сили, ќе бидат распоредени таму каде што е потребно, го зголемивме присуството на северот, детално сум известен за можностите на распределување, одговорот ќе биде пропорционален“, рече Столтенберг одговарајќи на новинарско прашање за деталите за можна интервенција.

Прочитајте и:  НАТО и Киев закажаа состанок: Руското експериментално оружје нема да има ефект во конфликтот, ниту ќе ги одврати сојузниците од поддршката за Украина

КФОР располага со речиси четири илјади војници на Косово и НАТО е уверен дека тоа помага за решавање на состојбата.

Претседателот на Србија, од своја страна, изрази благодарност до Јенс Столтенберг што ја сослуша српската страна. Вучиќ најостро ги отфрли обвинувањата кои доаѓаат од Приштина дека српската војска и полиција нелегално ја преминале границата, или административната линија како што ја нарекува официјално Белград. Шефот на српската држава рече дека тоа се лаги и му се заблагодари на НАТО што не се служи со слични обвинувања кон Србија.

Како аргумент дека косовската страна „шири невистини“, Вучиќ изјави дека „со месеци“ се слушаат предупредувања дека Србија „ќе изврши инвазија во соседните земји“.

„Слушаме за можноста Србија да изврши инвазија на некои други земји во регионот, но ете гледаме дека тоа до сега не се случило, навистина лажеа“, рече Вучиќ.

Вучиќ изјави дека е уверен дека благодарение на добрата комуникација на Србија со КФОР и НАТО на терен е избегната сериозна ескалација на крајот на јуни. Тој повтори дека ја почитува мисијата на НАТО согласно резолуциите на Обединетите Нации и дека е во постојан контакт со мисијата.

Конечно, српскиот претседател ги отфрли шпекулациите дека ќе се даде дозвола за руска воена база на српска територија.

„На Србија не ѝ се потребни ничии воени бази, таа е неутрална и сака само да ги обезбеди своето небо, земја, територија и население“, истакна Вучиќ.

- Реклама -