„Македонски синдром“: Што пишува за Бугарија во таен извештај на ЦИА од 1971 година

Дојче веле на бугарски јазик – Бон

Оттогаш, Софија континуирано ја бара Македонија, иако по 1878 година таа беше во нејзина сопственост вкупно само четири години. Што пишува за Бугарија во таен документ на ЦИА од 1971 година.

„Македонски синдром – хронична криза во југословенско-бугарските односи“ – ова е насловот на таен документ на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) од почетокот на 1971 година, кој, според „Фајненшл тајмс“, бил декласифициран дури децении подоцна. Извештајот на 12 ситно испишани страници, кој сега е достапен во архивата на ЦИА, дава многу детална слика за комплицираните односи меѓу Југославија и Бугарија во доцните 60-ти години на минатиот век, ги опишува историските корени на македонскиот проблем и прави прецизна анализа на подемот на тогашниот нов бугарски национализам. Што, патем, во однос на Македонија ги демонстрира истите параметри како денешните.

„Според Софија, сите Македонци се етнички Бугари“

На почетокот на документот читаме: „Во текот на последните четири години, реки на меѓусебни напади течеа меѓу Југославија и Бугарија за навидум нејасно, историски контроверзно прашање, имено – етничкото и јазичното потекло на народите на југословенската република Македонија. Југословените тврдат дека оваа врева се сведува на акутен иредентизам од страна на Бугарите. За Софија македонското прашање е меч со две острици. Од една страна режимот го користи за внатрешна употреба како единствен непроблематичен излез за бугарскиот национализам, без опасност од мешање на Москва. Дури ни Југословените не веруваат дека Софија во моментов има намера со сила да ја врати југословенска Македонија. Од друга страна, нема сомнеж дека бугарските раководители ќе бараат каква било можност да ја ослабат контролата на Белград над Македонија во пост-титовата ера, и кои веќе се подготвуваат за тоа со цврсти претенциозни барања за своите права во Македонија“.

Според авторите на извештајот, перцепцијата на комунистичка Бугарија дека не постои посебна македонска нација и јазик, сепак Југославија ја сфатила како закана. Тие пишуваат: „Според тврдењето на Софија, сите Македонци се всушност етнички Бугари, отсечени од татковината. Ова мислење датира од предкомунистичката ера во Бугарија. Според Санстефанскиот договор од 1878 година, новата бугарска држава добила контрола за првпат над македонските земји. Неколку месеци подоцна, Големите сили ја земаат оваа територија и подоцна и ја даваат на Србија (сега дел од Југославија). Оттогаш повеќето бугарски влади покажуваа претензии кон таа територија, иако по 1878 година таа била во владение на Софија вкупно само четири години“.

По краток историски преглед на она што се случи во регионот по Втората светска војна, во извештајот накратко се говори за плановите за балканска федерација што опстанаа извесно време дури и по конфликтот Тито-Сталин во 1948 година. Потоа авторите пишуваат за подемот на „кликата на Живков“ и за репресиите што ги извршија комунистите во Бугарија по преземањето на власта. Со одобрување на Москва, бугарските комунисти постепено го оживуваат митот за Санстефанска Бугарија, понатаму забележуваат авторите и додаваат:

„Македонското прашање повторно оживеа со лошо осмислената кампања што ја започна Тодор Живков во почетокот на 1965 година. Таа имаше за цел да го подигне националниот дух и патриотските чувства на младите во тогашната емотивно стагнантна Бугарија. Спорот за Македонија стана главно средства за градење националната гордост, оштетена од сервилноста на Бугарската комунистичка партија [кон Советскиот Сојуз – б.п.]. Се појавуваат студии кои ги „анализираат“ односите на македонскиот народ и Бугарија во минатото. Партијата ги преиспитува своите поранешен ставови за македонското прашање, заклучувајќи дека зазеде неточен и „неленинистички“ став со повлекувањето на своите претензии кон Македонија. Се тврдеше дека „на овој начин Бугарија прифатила странска власт во регион каде што доминира бугарското население“. Во есента 1966 година, претседателот на Сојузот на бугарските писатели оди дотаму што го негира постоењето на посебен македонски јазик, тврдејќи дека тој е варијанта на бугарскиот. Истата година, истакнат етнограф јавно го изразил своето несогласување со статија објавена во советско списание во која се тврди дека Македонците се посебна нација или народ. Во духот на Санстефанскиот договор, многу бугарски научници и политички личности објавуваа напис по напис во одбрана на тврдењето дека, етнички, историски и духовно, Македонија е дел од бугарската нација“.

Во извештајот се зборува и за обраќањето на Тодор Живков до бугарската младина од декември 1967 година, каде тој го потенцираше проширувањето на „патриотското образование“. Според комунистичкиот водач, Бугарите не ја користат доволно нивната славна историја за да ги образуваат младите во духот на патриотизмот.

Инвазијата на трупите на Варшавскиот пакт во Чехословачка во 1968 година и дебаклот на Прашката пролет, во која учествуваше НРБ, создадоа дополнителна тензија меѓу Бугарија и Југославија, забележуваат аналитичарите на ЦИА. По острите критики на југословенскиот водач Тито против оваа инвазија, Бугарија ја засили својата пропаганда против Југославија и започна нова дипломатска кампања – очигледно со одобрение на СССР, пишуваат авторите и потсетуваат дека во ноември 1968 година БАН објави мислење според на кое Македонија никогаш не постоела етнички, национално и јазично како посебна нација од Бугарија. Во извештајот се зборува и за тврдењата на Бугарија дека ја „ослободила“ Македонија во 1944 година – тврдења без никаква врска со реалноста.

Постепено, југословенското раководство сфати дека бугарските кампањи во однос на Македонија се јасно координирани со Москва, пишуваат аналитичарите на ЦИА и цитираат југословенски документ со наслов „Духовите од минатото“ објавен во белградскиот весник „Борба“ и во скопскиот „Нова Македонија“, во кој се обвинува Бугарија дека изнесува „буржоаски територијални претензии“ кон Македонија и дел од Србија, кои и биле „доверени“ според Санстефанскиот договор. Вистинскиот виновник за сето тоа, сепак, е Царска Русија, која ја создаде фикцијата од Сан Стефано, се вели во написот.

„Да се ​​запрашаме на што се засноваат бугарските тврдења“

Кон крајот на извештајот на американските разузнавачки служби од 1971 година читаме: „Во извештајот за прашањата на надворешната политика од 18 ноември 1970 година, доставен до сите домови на Сојузниот парламент на Југославија, југословенскиот претседател Тито е цитиран: „За да разбереме што се крие зад оживувањето на бугарскиот реваншистички демон, мора да се запрашаме на што се засноваат бугарските тврдења.

Можни се три објаснувања: Прво, да се оттргне вниманието на јавноста од внатрешната криза преку поднесување територијални претензии. Второ, верувањето дека Југословенската федерација ќе се распадне што би било уникатна можност Бугарија да извлече корист од тоа. И трето, дека некој друг стои зад бугарските тврдења – односно дека раководството на нашата соседна земја се потпира на туѓа поддршка… Времето ќе покаже колку се оправдани нашите сомнежи, но врз основа на се што знаеме во моментов, ние не треба да очекуваме некоја позитивна промена во политиката на Бугарија кон Југославија во иднина“.

Југославија навистина се распадна, а независна Македонија беше прва признаена од Бугарија, по што тргна по комплициран политички пат и денес се нарекува Северна Македонија. Без разлика на сето ова, повеќе од очигледни се паралелите со она што се случува во последните години во односите меѓу Софија и Скопје. Затоа овој документ, составен пред повеќе од 50 години, вреди да се прочита.

МИА

- Реклама -