ПЕИ бара во преамбулата на Уставот да се внесе и „Торбешкиот народ“

Партијата за европска иднина (ПЕИ), повикувајќи се на „мултикултурната и мултиетничката реалност на Република Северна Македонија“ и уставно загарантираните норми со амандманите IV, VI, VII, IX, XI и XII од Уставот, како и на низа меѓународни документи кои земјава ги потпишала или ратификувала, бара Торбешите односно „Торбешкиот народ“ да биде внесен, како уставна категорија, во нацрт амандманот за промена на преамбулата на Уставот на Република Северна Македонија.

„Тргнувајќи од дефиницијата за малцинство прифатена од меѓународните институции, торбешката популација во Македонија ги исполнува сите предуслови за малцински статус, со сите права и обврски што произлегуваат од важечките релевантно правно политички акти вклучително и важечките акти во Република Северна Македонија.

Торбешката популација во Република Северна Македонија, според своите етнички, религиозни, јазични и културни карактеристики заслужува посебност и рамноправен статус со останатите етникуми во Република Северна Македонија“, велат од ПЕИ.

„Торбешката популација во Република Северна Македонија, врз основа фактичката состојба поседува свој идентитет, што подразбира припадност на самиот себе, и тој идентитет низ историјата, во повеќе фази низ кои минало населението на овие простори не претрпела дисконтинуитет низ историското траење: Торбешите постојано биле Торбеши, било да се третирани како такви одвнатре од самите нив или однадвор од другите околу нив. Торбешката популација, без оглед нарекувана во определен амбиенти,останала таква каква што е – Торбешка“, се додава во соопштението.

Прочитајте и:  Мицкоски: Немам намера да прифатам катастрофални грешки од минатото, прифатлива алтернатива за уставните измени е одложеното дејство

Како што велат од партијата, со досегашното невклучување на оваа популација во преамбулата на Уставот е направена неправда кон голем број од населението кое по бројност, потенцираат, е на трето место во државава. Со внесувањето на Торбешите во преамбулата, ќе се исправи оваа неправда и ќе се создадат и „претпоставки за интегрална Република Северна Македонија, која е единствена наша држава“, велат од ПЕИ.

Демократијата и основните човекови права можат да бидат ставени на хартија а во пракса да ги нема, но во пракса никогаш нема да ги има ако претходно не бидат запишани на хартија, додаваат од Партијата за европска иднина (ПЕИ).

- Реклама -