Фон дер Лајен: Европа ве чека, верувам дека ова е моментот да продолжите напред кон нашата заедничка иднина

„Европа ве чека. Чекајќи и надевајќи се дека ќе направите уште ден чекор кон нашата Унија. Денеска сум овде, затоа што верувам дека ова е моментот да продолжите напред кон нашата заедничка иднина во ЕУ со Северна Македонија како полноправна членка“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во своето обраќање денеска пред пратениците во Собранието, во рамки на 80-тата пленарна седница.

„Вашата држава е кандидат да стане земја членка на ЕУ од 2005 година, а многумина од вас овде и многу други кои се отсутни, работевте напорно да станете членка на ЕУ, но сега сите мора да го свртиме погледот напред и мора да ја искористиме можноста пред нас да ги започнеме пристапните преговори и да работиме заедно на патот што ве води кон ЕУ“, посочи Фон дер Лајен.

„Во 2009 година ЕК препорача да ги отвориме пристапните преговори со Вас. Оттогаш постојано сме покрај Вас и сега конечно би можеле да бидеме на прагот на еден одлучувачки чекор напред“, додаде таа.

„Повторно“, посочи таа, „покажавте смелост и решителност, а Договорот од Преспа беше пример за храброст и го отвори патот за членство во НАТО“

„Почитувани пратеници, многумина од вас ќе бидат фрустрирани што вашата држава сѐ уште не ги започнала пристапните преговори. И јас сум исто така. ЕК препорачува отворање на преговорите во последните 13 години и се разбира дека ќе бидете фрустрирани што отворањето на преговорите со ЕУ не се случи веднаш по Договорот од Преспа. Ова беше горчливо, но никогаш не се откажавте и ние сите заедно никогаш не се откажавме. Заедно го следевме нашиот сон за една Европска Унија и заедно ќе го претвориме овој сон во реалност“, порача Фон дер Лајен.

Прочитајте и:  ЕУ донираше шест еколошки автобуси за ЈСП Скопје, за Арсовска тоа е доказ дека градската администрација е способна кога не е блокирана

Почетокот на пристапните преговори може да се направи веќе следната недела, со преземање на првиот чекор од ревидираниот француски предлог, посочи претседателката на ЕК.

„Сите сте свесни и запознаени со овој ревидиран предлог. Ги штити вашите интереси и ги зема предвид грижите на сите страни. Бидете уверени дека ЕК секогаш била покрај оваа држава, на ваша страна и продолжува да стои на ваша страна“, порача Фон дер Лајен.

За време на обраќањето на Фон дер Лајен пратениците од опозицијата извадија транспаренти „предавници на народот“, „јазикот и идентитетот“, „народот вели не, свестете се“ и други.

На седницата присуствуваа Претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, како и високи претставници од земјава и странство.

МИА

- Реклама -