Пред билатералниот, кој би траел околу 2 години, Македонија и Албанија ќе треба да поминат низ уште еден објаснувачки скрининг за законодавството на ЕУ

Земјава ќе треба да помине уште една рунда објаснувачки скрининг за ЕУ во однос на законодавството усвоено по 2019 година, вели портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро, јави дописничката на МИА од Брисел.

Доколку го одобриме францускиот предлог за преговарачката рамка, земјата ќе треба прво да помине низ уште една рунда објаснувачки скрининг за сето ново законодавство, донесено од 2019 до сега, за сите поглавја. По објаснувачкиот скрининг, ќе започне билатералниот, објаснува Писонеро за МИА.

Македонија и Албанија имаа средби за објаснувачки скрининг за законодавството од 2018 до 2019. Овие средби започнаа во септември 2018 и траеја помалку од една година. Целта на објаснувачкиот скрининг е тимот на Европската комисија да им го презентира законодавството на ЕУ, познато како „Аcquis communautaire“, на земјите кандидати кои се подготвуваат да започнат преговори. По објаснувачкиот, следува билатералниот скрининг, фаза во која земјата кандидат учествува активно, за разлика од објаснувачкиот, каде главната улога ја држи Европската комисија.

Прочитајте и:  Мицкоски: Немам намера да прифатам катастрофални грешки од минатото, прифатлива алтернатива за уставните измени е одложеното дејство

„Согласно заклучоците на Советот, Европската комисија го спроведе техничкото објаснување на ЕУ законодавството (Аcquis) помеѓу 2018 и 2019. Така што, објаснувачкиот скрининг ќе се фокусира на новото законодавство на ЕУ усвоено оттогаш. По ова ќе следува билатерален скрининг каде Комисијата ќе ги разгледува, заедно со земјите соговорнички, оние области на ЕУ законодавството каде е потребен напредок“, посочила Писонеро.

ЕУ законодавството постојано се зголемува со нови законски решенија и судски одлуки. Со оглед на тоа дека објаснувачки скрининг немало за Северна Македонија и Албанија од 2019, двете земји ќе треба ова да го поминат пред да бидат поканети на билатералниот скрининг.

Билатералниот скрининг би требало да трае околу две години.

Извор: МИА

- Реклама -