Прванов: Иако сме повеќе од најблиски народи, како што и нѐ прогласија Борисов и Заев, земјите станаа најнепријателски

Поранешниот претседател на Бугарија, Георги Прванов, повика на „конструктивен пристап“ помеѓу Софија и Скопје. Како што јави дописникот на МИА во Софија, според Прванов, колку и да е едноставен францускиот предлог, тој е дипломатски воздржан и дава некаква основа и насока за излез од оваа неколкугодишна дипломатска криза.

Поранешниот бугарски претседател изрази надеж дека ќе се направи потег да заврши и оваа сага.

Тој нагласи дека со укинувањето на ветото, Бугарија ја губи битката за историјата.

„Очигледно, ветото не може да го смени ставот на македонското општество. Дури и повеќе од најблиските народи, какви што беа и како што нѐ прогласија двајцата премиери на Бугарија и Северна Македонија – Бојко Борисов и Зоран Заев, земјите станаа најнепријателски“, коментира Прванов.

Прванов е дециден дека треба да се работи на обновување на билатералните односи, за ново зближување меѓу Бугарија и Северна Македонија, а тоа е можно, смета, но не на начин да се влијае врз европските институции.

Прванов, воедно, го најави и новото издание на книгата „Илинденско-преображенското востание 1903 низ очите на европските дипломати“, чиј коавтор е самиот тој. Публикацијата, тврди тој, „ја расветлува документарната вистина за настаните меѓу двата народа пред повеќе од 100 години“. Ќе се дистрибуира во бугарските амбасади во странство и европските институции.

Извор: МИА

- Реклама -