Москва, 23 јуни 2022 (МИА) – Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска иронично ги прокоментира обвинувањата на бугарскиот премиер во оставка, Кирил Петков, дека за неговото заминување од функцијата виновна е и руската амбасадорка во Бугарија, Елеонора Митрофанова, изјавувајќи дека на списокот на „виновници“ недостасуваат уште некои други фиктивни филмски ликови.
„Само Бетмен и жената-мачка сè уште се исчезнати. Мислам, човекот се измори, почна да блада“, иронично кажа Захарова, пренесена од руските медиуми.
Откако бугарскиот Парламент синоќа ѝ изгласа недоверба на Владата на Петков, тој за исходот од гласањето обвини тројца политичари и амбасадорката Митрофанова.
Петков ги прозва бизнисменот и поранешен пратеник Дељан Пеевски, лидерот на партијата ГЕРБ и поранешен премиер Бојко Борисов и Слави Трифонов, чија партија „Има таков народ“ претходно ја напушти владејачката коалиција.
Партијата ГЕРБ го иницираше гласањето недоверба на владата.