Имотот на ВМРО-ДПМНЕ не е заслуга на две лица – реагира одбраната, обвинителството задоволно од пресудата за „Талир 2”

Правата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во случајот „Талир 2” беа ускратени, изјави правниот застапник на оваa партија – Ружица Николовска, по објавување на пресудата со која седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и повеќе партиски штабови се конфискуваат.

„Во текот на постапката не беше сослушан претставникот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ за да се произнесе по однос на сите овие околности. Само ќе укажам на една работа. Да се конфискува цел имот на една политичка партија заради некакви дејствија на две обвинети лица е надвор од секаква правна и здрава логика. Имено, доколку постојат какви било дејствија и е утврдена вина како што тоа судот денеска го стори, тогаш можело да се конфискува и личен имот на обвинетите лица. Овој имот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ не може да се толкува дека целиот е заслуга на само две лица“, изјави Николовска и додаде дека во таа политичка партија има многу други луѓе кои што допринеле за создавање на тој имот.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: Каранфилова Пановска е уште една продолжена рака на Заев во СДСМ

Воедно, таа најави дека ќе ги користат другите правни средства кои им стојат на располагање и се надеваат дека правдата ќе биде задоволена.

За јавниот обвинител Љубомир Лапе, кој го застапуваше овој предмет, пресудата е задоволителна. По добивањето на писмена пресуда, тој најави дека ќе ги проучат причините поради кои е изречена алтернативна мерка на обвинетиот Кирил Божиновски, поранешен генерален секретар на партијата и на тогашната Влада, и по проучување на предметот ќе одлучат дали ќе поднесат жалба или не.

Освен седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, во делот на конфискација спаѓаат и сите ствари во објектот.

МИА

- Реклама -