Орбан ја обвини Европската комисија за неуспехот со ембаргото врз нафтата

Брисел, 30 мај 2022 (МИА) – Немаме компромис, немаме договор за санкциите врз нафтата, а вината е кај Европската комисија, изјави пред малку унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, унгарскиот премиер смета дека Европската комисија не ги консултирала земјите членки на ЕУ пред да предложи ембарго врз нафтата, и Унгарија ќе бара солидни гаранции пред да прифати компромис.

„Се наоѓаме во тешка ситуацијата поради неодговорното однесување на Комисијата“, изјави Виктор Орбан пред почетокот на вонредниот ЕУ самит, на кој најтешка тема ќе биде предложеното ембарго врз руската нафта.

Орбан оцени дека Европската комисија по лидерскиот самит во Версај не преговарала соодветно со земјите членки и предложила ембарго врз нафтата „од нигде никаде“. Тој смета дека Будимпешта не може да прифати договор без гаранции за безбедноста на набавка на енергенси.

Прочитајте и:  Џо Роган: Бајден и Зеленски сакаат светска војна, Кличко му одговори - тоа е руска пропаганда

„Енергијата е сериозна тема, ова не е детска игра, ова е сериозно, прво треба да видиме решение, а потоа санкции, досега имаше пет предлози со различен пристап, прво санкции, потоа последици, но бидејќи енергијата е ризична, сериозна тема, прво треба решение, потоа санкции“, изјави Орбан за новинарите пред самитот.

Унгарскиот премиер рече дека последниот компромис разработен на ниво на Советот во кој се иззема нафтата која доаѓа од нафтовод е добар основ, но не е доволно.

„Потребни ни се гаранции дека ако има несреќа со нафтоводот кој поминува низ Украина, треба да имаме право да добиеме руска нафта на друг начин“, изјави Орбан.

Унгарија, како и Чешка и Словачка, се зависни од нафтоводот Дружба кој пренесува руска нафта преку Украина. Тие бараат и финансиска помош пред да прекинат да користат руска нафта.

- Реклама -