Пендаровски: Бугарија сака да ја имитира Грција, но Грците никогаш не ни рекоа „не сте Македонци“

„Според објаснувањата на Бугарија, тие сакаат да го имитираат однесувањето на Грција кон Северна Македонија во последните децении, поставувајќи ни предуслови за влез во Европската Унија, со цел да го заштитат националниот интерес“, изјави претседателот на државата – Стево Пендаровски, во интервју за „Еуроњуз“. Тој посочи дека треба да се дискутира за вистинските аргументи и критериуми кои државата ги исполни за влез во Унијата, а не за 19 или 20 век.

„Бугарските барања се многу поконтроверзни од грчките. Зошто? Затоа што Грците никогаш не го доведуваа во прашање нашето етничко потекло. Никогаш не рекоа ‘не си Македонец’. Во ситуацијата со Грција, дадовме можност – ако сакате да се идентификувате како етнички Македонец, можете да го направите тоа. Ако некои луѓе во Грција денес велат дека се Македонци, имаат право на тоа. Бугарија го оспорува идентитетот на Македонците и тоа е големиот проблем“, изјави Пендаровски.

Според него, Бугарија ја изразува позицијата на бугарското општество, како резултат на долгогодишниот став на бугарските политичари и историчари, што датира од времето на комунизмот.

„По Втората светска војна, особено во 50-тите и 60-тите години на минатиот век, луѓето почнаа да зборуваат за Македонија како измислена нација, за чудо создадено со декрет на Тито. Така што навистина мислам дека бугарските политичари, како и обичните граѓани, Македонците ги доживуваат како етнички Бугари или барем веруваат дека ние сме биле такви до крајот на Втората светска војна. Како и за македонскиот јазик, кој е познат и признаен во целиот свет, дека бил само дијалект на бугарскиот“, посочи шефот на државата.

Тој потенцираше дека до овој момент гледа значителна промена во однесувањето на Бугарија. И покрај сите случувања на европскиот континент со руската инвазија на Украина и сите геополитички мотиви што го доведуваат во прашање концептот на обединета Европа, бугарската позиција сè уште е тешка и не се забележани значителни промени во пресрет на одлуката на Брисел што ја очекуваме до крајот на јуни, посочи Пендаровски.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

„Но, ако ме прашувате мене, ако прашувате за моето внатрешно чувство… во Северна Македонија сум познат како политичар кој го кажува своето мислење. Немам еден личен или друг официјален став… ќе ги ценам нашите шанси за почеток на преговорите, конечно по 17 години во кои сме кандидат, на помалку од 50 отсто“, изјави тој.

Во врска со вклучување на бугарското малцинство во Уставот,  Пендаровски повтори дека тоа е едно од ретките прашања што ги обединува власта и опозицијата.

„Ова е една од темите за која сите партии во парламентот се едногласни. Зошто да не ги вклучиме Бугарите во нашиот устав. Но, ние сакаме ова да биде врзано со рок, сакаме гаранција дека ова е последното барање од бугарската страна, за бугарското малцинство, Бугарите кои живеат во Северна Македонија. Во спротивно, секој месец или секоја година ќе мора да продолжиме да ги убедуваме нашите граѓани да сменат нешто, било да е тоа нашиот Устав, законите или нешто друго. Можеме да го направиме ова, но каде е гаранцијата дека ова е последното бугарско барање на оваа тема“, прашува Пендаровски.

Прашан за одделување на Албанија за почетокот на преговорите со ЕУ, претседателот оцени дека доколку Тирана ги исполни сите предуслови а во меѓувреме сè уште нема зелено светло од Бугарија, сосема е нормално да се стави на прво место интересот на своите граѓани.

Извор: МИА

- Реклама -