Орбан бара да не се разговара за нафтата на претстојниот ЕУ самит

Брисел, 24 мај 2022 (МИА) – Унгарската Влада испратила писмо до Европскиот Совет со барање да не се става руската нафта на дневен ред на лидерскиот самит на ЕУ на 30 и 31 мај, јави дописничката на МИА од Брисел.

Високи дипломатски извори во Советот потврдија дека претседателот Шарл Мишел го добил писмото на унгарскиот премиер, Виктор Орбан, и додаваат дека за сега нема формална реакција од Мишел.

Претседателот на Европскиот Совет, кој претседава со самитот, продолжува да се консултира со лидерите на 27-те земји членки пред самитот, и ова е една од темите на кои тој работи.

Унгарија го блокира шестиот пакет санкции на ЕУ врз руската нафта предложен од Европската Комисија. Комисијата сака до крајот на оваа година земјите на ЕУ целосно да го прекинат увозот на руска нафта и нафтени производи. Унгарската влада, иако доби пролонгирање во предлогот на Комисијата, сепак не е задоволна и вели дека со оваа мерка нејзината економија би претрпела преголема штета.

Прочитајте и:  Залужни: Апсолутно, 2024-та e година кога Третата светска војна започна

Во име на Европската Комисија попладнево потпретседателот Валдис Домбровскис порача дека е важно да се „оди напред со шестиот пакет санкции“, но дека дневниот ред на Европскиот Совет не го одредува Европската Комисија.

- Реклама -