Литванија од утре без гас, нафта и електрична енергија од Русија

Литванија од утре престанува да увезува електрична енергија од Русија, со што целосно престанува да користи руски енергенси, соопшти Министерството за енергетика на земјата.

Според министерот Даиниус Кравис, не само што потегот е важна пресвртница на патот на Литванија кон енергетска независност, туку и израз на солидарност со Украина.

„Не можеме да дозволиме нашите пари да ја финансираат руската воена машинерија“, рече Кравис.

Потребите за гас на Литванија се задоволуваат од терминалот за ТПГ (течен природен гас, LNG) во Клајпеда, каде гасот доаѓа од САД. За електрична енергија, Литванија ќе се потпира на производството и увозот од земјите на ЕУ преку Шведска, Летонија и Полска.

Во април, Литванија стана првата ЕУ членка што прекина да увезува руски гас. „Пред многу години, мојата земја донесе одлуки што ни овозможуваат лесно да ги прекинеме енергетските врски со агресорот“, изјави тогаш претседателот на земјата – Гитанас Наузеда, повикувајќи ги и другите да го следат нивниот чекор. И министерот Кравис тогаш посочи дека таквиот чекор е овозможен од „долгогодишна кохерентна енергетска политика“ и навремени инфраструктурни одлуки.

Според компанијата која оперира со единствената нафтена рафинерија во земјата, пак, тие исто така „немаат пипнато“ руски ресурси од април.

Освен енергетската независност и напорите да ги убеди и другите да го сторат истото (да воведат ембарго на руската нафта), Литванија неодамна прва во светот ја прогласи Русија за терористичка држава. Во резолуцијата изгласана на 10 мај со 128 гласа „за“, литванскиот парламент заклучи дека „Руската Федерација, чии воени сили намерно и систематски таргетираат цивилни мети, е држава која поддржува и извршува тероризам“.

Прочитајте и:  Велика Британија одбива да коментира дали Украина користела „Сторм Шедоу“ проектили против цели во Русија

Воената агресија на Русија против Украина, пак, извршена „од страна на вооружените сили на Руската Федерација и нејзиното политичко и воено раководство“, со резолуцијата беше прогласена за „геноцид“ над украинскиот народ, со објаснување дека намерата на Русија е да ја уништи Украина и да го скрши нејзиниот дух „убивајќи цели семејства, вклучително и деца, киднапирајќи и силувајќи луѓе, и исмевајќи се со нив и со телата на убиените“.

Во резолуцијата се вели и дека руските вооружени сили и платеници извршиле „воени злосторства“ во Украина, споменувајќи ги Буча, Ирпин, Мариупол, Бородјанка, Гостомел и други.

Во мај, министерот за надворешни работи на Литванија – Габриелиус Ландсбергис, во интервју за Асошиејтед прес, дури и отворено повика на промена на целокупниот режим (не само на Путин и потесниот круг) во Русија, оценувајќи дека додека тоа не се случи, соседните земји секогаш ќе бидат во опасност.

- Реклама -