Украина се надева на размена на заробените борци од Мариупол

Украина се надева дека украинските војници кои се предале од фабриката за челик „Азовстал“ во Мариупол ќе бидат разменети за руски заробеници, и покрај изјавата на претседателот на руската Државна дума – Вјачеслав Володин, вели заменик-министерката за одбрана на Украина – Хана Малиар.

На пленарна седница, Володин изјави дека е против размена на овие, како што ги нарече, „нацистички криминалци“. Според него, тие не се предмет на размена затоа што се „воени злосторници“ и Русија мора да направи сѐ за да ги изведе пред лицето на правдата.

Според украинската заменик-министерка, меѓутоа, коментарот на Володин е само политичка изјава за внатрешна пропаганда во согласност со, како што рече, внатрешно-политичките процеси во Русија.

Таа додаде дека од перспектива на Украина, преговарачкиот процес и самата спасувачка операција се во тек. Претходно, како што објави Би-Би-Си, Малиар изјави дека Киев знае колку борци се сè уште заробени во Азовстал, но не откри повеќе со образложение дека тоа се „чувствителни детали“. Повеќе информации Малиар вети кога ќе заврши „операцијата за спасување“, посочувајќи дека тоа е единствениот начин тие да бидат спасени.

Прочитајте и:  Британскиот премие рму одговори на Путин: Русија е таа што ја започна војната

Како што објави Ројтерс, најмалку седум автобуси со украински бранители го напуштиле Азовстал во Мариупол, а според очевидец, украинските војници биле придружувани од проруски сили и изгледале дека не се повредени. Повеќе од 260 украински борци синоќа ја напуштија челичарницата во опколениот град и беа одведени на територија под контрола на Русија.

Извор: МИА

- Реклама -