Десетина автобуси со војници вечерва го напуштија „Азовстал“

Десетина автобуси со украински војници вечерва ја напуштија челичарницата Азовстал во Мариупол, која со недели е под опсада на руските сили, јави Ројтерс, повикувајќи се на изјави на очевидци.

Според агенцијата, не е можно да се утврди колку војници имало во автобусите, ниту дали меѓу нив има повредени.

Се проценува дека во челичарницата има околу 600 војници.

Командантот на украинските сили во Азовстал, Денис Прокопенко, изјави дека ја спроведува одлуката на воената команда за да ги спаси животите на војниците, но не го употреби зборот предавање.

Денеска руското Министерство за одбрана објави дека наложило прекин на огнот во областа „Азовстал“ откако со украинската страна бил постигнат договор за евакуација на ранетите војници и нивно пренесување во здравствени установи.

Прочитајте и:  Литванија смета дека авионите на НАТО треба да ги соборуваат руските дронови над Балтикот

„На 16 мај, како резултат на преговорите со претставници на украинскиот воен персонал блокиран на територијата на металуршката фабрика Азовстал во Мариупол, беше постигнат договор за евакуација на повредените“, соопшти Министерството, од каде тврдат дека ранетите биле префрлени во болница во Новоазовск (на територијата на самопрогласената Доњецка Народна Република – ДНР).

Извор: МИА

- Реклама -