Трифонов не нѐ пушта во ЕУ, немаме доволно Бугари на пописот

Резултатите од пописот во земјава ја брануваат и Бугарија. Додека бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, незадоволен од бројката на граѓани што се изјасниле како етнички Бугари, побара да бидат објавени сите македонски граѓани што имаат бугарско државјанство, лидерот на парламентарната „Има таков народ“ – Слави Трифонов, се закани дека Бугарија никогаш нема да ја тргне блокадата… барем не додека задоволителна бројка македонски граѓани се изјаснат како Бугари.

„Пред малку излезе информација од ДЗС на Северна Македонија за пребројувањето на населението во земјата. Според таа служба, резултатите се следните:

54.25% од сите преброени се определиле како Македонци, 29.52% се Албанци, 3.98% – Турци, 1.18% – Срби, 0.87% – Бошњаци, 0.34% – Власи.

При објавувањето на резултатите, Бугарите воопшто не беа споменати, а директорот на службата изјави дека ги презентираат само податоците за етничките заедници кои се дел од македонскиот устав“, се пожали Трифонов на Фејсбук.

Посочувајќи дека на пописот во земјава како Бугари се запишани само 3.504 граѓани, односно, како што вели, Бугари практично нема, Трифонов аргументира дека причината е затоа што тие не смеат, односно се плашат да се изјаснат како Бугари. Тоа го аргументира со бројот на македонски граѓани кои извадиле бугарско државјанство.

„Само што кај нас има издадени над 100 илјади бугарски пасоши на граѓани од Северна Македонија. Само во последните 2 години, кога светот беше затворен од пандемијата, бугарски пасоши добиле 16.692 граѓани на Северна Македонија. А според законите во Бугарија, за да може граѓанин на Северна Македонија да добие бугарски пасош, тој мора да ги докаже своите бугарски корени. Значи, над 100 илјади граѓани на Северна Македонија ги докажуваат своите бугарски корени во Бугарија, а во Северна Македонија се плашат да се наречат ‘Бугари’ “, заклучува Трифонов.

Прочитајте и:  Средба Сиљановска Давкова - Радев во Баку: Билатералните спорови да се решаваат во рамки на принципите и вредностите на ЕУ

Според него, тоа покажува дека Македонија „не е нормална, европска држава“ и дека заслужува да продолжи да биде блокирана на патот кон ЕУ.

„Зошто во една нормална, европска држава, каква што Северна Македонија претендира да биде, човек би се плашел да каже што е? Зашто тоа не е нормална, европска држава.

Зборувам само по логички пат – ако Северна Македонија сака да е нормална, европска држава, т.е. да биде дел од Европската унија, тогаш нејзините граѓани треба да можат слободно да се самоопределуваат и правата да не им бидат погазувани.

Така што, моето мислење е дека додека тоа не се случи, Северна Македонија ќе си биде само дел од Западен Балкан“, пишува лидерот на ИТН.

За потсетување, според податоците од пописот, како етнички Бугари се изјасниле 3.504 лица од вкупното резидентно население (а не од вкупно попишаните, како што тврди Трифонов). За споредба, на пописот од 2002 година како етнички Бугари се изјасниле 1.487 граѓани, односно двојно помалку од сега.

Односно, од вкупно 1.836.713 граѓани кои живеат во земјава, како Бугари се изјасниле 0.19%. Реакциите од бугарска страна можеа да се предвидат уште кога беше најавен пописот, бидејќи бугарскиот државен врв во безброј прилики предупредуваше дека внимателно ќе го следи пописот, постојано кокетирајќи со бројката од 120.000 македонски граѓани кои поседуваат бугарски пасош/државјанство.

- Реклама -