Украина го одби руското барање да го предаде Мариупол

Заменик претседателката на украинската Владa – Ирина Верешчук, соопшти дека Украина ја одбива понудата од Русија да го предаде градот Мариупол.

„Има осум страници на кои пишува за историја и други глупости. Тие го испратија истото писмо до ОН, Меѓународниот комитет на Црвениот крст и се надеваа дека меѓународните структури ќе реагираат и ќе почнат да вршат притисок врз Украина. Тоа не се случи. МКЦК и ОН разбираат дека тоа е руска манипулација и дека луѓето се држат како заложници“, истакна таа.

Таа побара Русите итно да ги отворат хуманитарните коридори.

„Не може да се зборува за никакво предавање, за положување на оружјето. За тоа веќе ја информиравме руската страна. Напишав: Наместо да губите време на осум страници писма, само отворете го коридорот“, изјави Верешчук.

Претходно, руското МНР даде рок до утрово (05:00 часот по Московско време) Украина да одговори дали ќе го предаде градот, ветувајќи хуманитарни коридори за евакуација, во периодот од 10-12 часот по локално време, преку кои украинските војници и странските платеници, доколку го остават оружјето, ќе можат заедно со цивилите да го напуштат градот. Притоа, Русија понуди и претставниците на ОН, ОБСЕ и Црвениот крст да ја набљудуваат „хуманитарната операција“ на терен.

Прочитајте и:  Бербок: Путин сака да ги смрзне Украинците

„Киев да биде разумен и да ги поништи претходно дадените упатства кои ги обврзаа милитантите во Мариупол да се жртвуваат“, повика руското МНР, потенцирајќи дека тие што нема да го напуштат градот ќе бидат сметани дека се на страната на „бандитите“.

Според шефот на рускиот центар за управување со одбраната – Михаил Мизинцев, кој исто така ги повика „националистите“ да го напуштат Мариупол без оружје, во Мариупол сѐ уште „се држат како заложници“ околу 130.000 цивили, од кои 184 странци од 6 земји.

Извор: МИА

- Реклама -