Хрватите масовно купуваат таблети јод поради страв од нуклеарен напад, Министерството за здравство со апел дека е опасно

„Никогаш не земајте јод самоиницијативно“, предупреди денеска хрватското Министерство за здравство откако Хрватите, во страв дека инвазијата на Русија ќе ескалира во нуклеарна војна, навалија во аптеките и масовно купуваат таблети јод „за да се заштитат“ од радијација.

„Со оглед на зголемената побарувачка за јод, калиум јодид и слични производи, Министерството за здравство апелира до граѓаните да не земаат самоиницијативно таблети калиум јодид и слични препарати со јод бидејќи потенцијално можат сериозно да го нарушат сопственото здравје. Со оглед на актуелната криза поради агресијата и инвазијата на Украина, разбирлива е одредена загриженост на граѓаните, но треба да се нагласи дека стручните служби се подготвени за сите ризици кои можат да имаат негативно влијание врз јавното здравје и во моментов нема причина да се зема јод“, се вели во соопштението, пренесе МИА.

Прочитајте и:  Мисајловски: Нов пакет помош за Украина наскоро на владина седница

Од министерството додаваат и дека „таблетите калиум јодид се користат за да се спречи внесувањето на радиоактивен јод само за да се спречи развој на можен карцином на тироидната жлезда и не превенира други ефекти од зрачењето врз организмот. Важно е да се нагласи дека внесот на калиум јодид е ефикасен само неколку часа пред или во рок од 6 часа по изложувањето на зрачење и, по правило, треба да се користи само една доза на калиум јодид, со заштитен ефект кој трае околу 24 часа“.

- Реклама -