Вестагер: Стопирањето на „Северен тек 2“ нема да има влијание врз цените на гасот

Брисел, 23 февруари 2022 (МИА) – Европската Комисија ја поздравува одлуката за замрзнувањето на проектот „Северен тек 2“ и вели дека нема да влијае на цената на гасот, јави дописничката на МИА од Брисел.

Потпретседателката на Европската Комисија, Маргарет Вестагер, од Брисел денеска изјави дека одлуката на германската Влада да го суспендира гасоводниот проект „Северен тек 2“ со Русија е добредојден и дека тоа не може да влијае на цените во Европа.

„Северен тек 2 не е во функција, нема гас во него, она што е стопирано е одобрувањето за да стане оперативен, стопирањето на одобрувањето не може да има влијание врз цените на гасот. Многу работи можат да имаат влијание врз цените, но не и Северен тек 2“, рече Вестагер.

Прочитајте и:  Милановиќ: Хрватски војници нема да војуваат во Украина

Европската Комисија ќе се наврати на темата доколку во иднина германската Влада одлучи да го одмрзне овој проект со Русија.

Германија го замрзна проектот по одлуката на Русија да ги признае двете сепаратистички области во Украина, Доњецк и Луганск.

Вестагер исто така потсети дека за време на претходниот мандат на Европската Комисија, тогашниот претседател Жан Клод Јункер изјави дека „Северен тек 2“ не е во интерес на ЕУ и дека ЕУ има начин да набави гас и без овој проект.

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера изрази целосна поддршка за оваа одлука да се замрзне руско-германскиот проект за гасовод.

- Реклама -