Американски медиуми: На границата со Украина Русија има стационирано околу 70% од потребната армија за инвазија и заземање на Киев

Вашингтон, 7 февруари 2022 (МИА) Русија превезла на границите со Украина околу 70 отсто од силите и ресурсите потребни за инвазија на земјата од голема магнитуда и брзо заземање на главниот град Киев, соопштуваат американските медиуми повикувајќи се на воени и разузнавачки извори.

Вашингтон пост наведува дека бројот на руски батаљонско-тактички групи на границата со Украина се зголемил до 83, пред една недела бил 60, а уште 14 групи се на пат да пристигнат. Не се појаснува дали во овој број спаѓа и војската пристигната во Белорусија каде се најавени воени вежби.

Еден батаљон содржи околу 750 војници. Околу 62.000 е ударната сила, поддржана во позадина од десетици илјади дополнителен персонал задолжен за логистика, медицинска нега, воздушна поддршка. Вкупната бројка на руски војници на границата со Украина и во анексираниот Крим е од 100.000 до 130.000, оценува весникот.

Телевизијата Фокс њуз повикувајќи се на извори од Конгресот запознати со неодамнешното затворено за јавност сведочење на Марки Мили – началник на Генералштабот на американските воени сили, тврди дека Киев може да биде освоен за 72 часа.

Си-ен-ен пак синоќа изнесе оценки за човечките загуби во случај на инвазија од голема магнитуда. Загубите на Украина би можеле да бидат од пет до 25.000 војници, а цивилно население од 25.000 до 50.000, додека за Русија загубите би биле од три до 10.000 војници. Покрај тоа, се оценува дека инвазијата може да предизвика бран од пет милиони бегалци во земјите на ЕУ.

Прочитајте и:  Бајден бара од Конгресот да и отпише долг на Украина од 4.6 милијарди долари

Русија демантира дека подготвува напад на Украина. На барањето на сојузниците од НАТО да запре со распоредувањето на границата, одговори дека на нејзина територија може да носи воени сили каде што сака.

Западните лидери не се убедени во тоа. Британската министерка за надворешни работи Лиз Трус ја сподели на Твитер објавата на Вашингтон пост за разузнавачките проценки за плановите за инфилтрација на руска војска во Украина.

„Постапките на Русија покажуваат дека нивните трврдења дека не планираат инвазија се лажни. Ние и нашите сојузници сме обединети во поддршката на Украина и нашата решеност да ја зголемиме цената за Русија доколку преземат дополнителни мерки“, напиша Трус.

Тим Саливан, советник за национална безбедност на Бајден, синоќа ја потврди познатата фраза дека „Русија може да нападне во секој момент“.

„Воена акција против Украина може да се случи кој и да било ден, или за две недели отсега, или наместо тоа Русија може да избере дипломатски пат“, изјави тој за Си-би-ес.

САД и сојузниците сметаат дека не се знае дали Путин донел одлука, но дека можноста од инвазија е реална. Нејасно е од какви побуди е воден Кремљ. Се даваат проценки за формата на воените акции кои би можеле да бидат од локални воени дејства во Донбас во источниот дел на Украина, до отворен напад со цел да се земе под контрола првин Киев а потоа и целата територија на Украина.

- Реклама -