Пендаровски: За разлика од министрите на Борисов, кога зборува Петков е како да го слушам Мандела

Во споредба со некои министри од претходната влада на Бојко Борисов, актуелниот бугарски премиер Кирил Петков звучи како да зборува Нелсон Мандела, изјави денеска претседателот на државата Стево Пендаровски, одговарајаќи на новинарско прашање за изјавата на Петков во однос на средбата на македонскиот претседател со претставниците на ОМО Илинден-Пирин, за која бугарскиот премиер коментираше дека „постојат сили кои не сакаат развој на добрососедски односи меѓу двете држави“.

Според Пендаровски, треба да се земе во предвид и внатрешно-политичкиот контекст на изјавите на Петков.

„Во однос на изјавата на Петков јас мислам дека тој не оди на личност, не оди навредливо. Не оди со реторика која, паметите, колку до вчера беше стандардна дневна рутина, посебно за некои министри од претходната бугарска влада. Да ви кажам најискрено, од она што го слушам од Петков последниве недели од кога е премиер е како да зборува Мандела, ако го споредите со тоа што зборуваа неколкумина министри од претходната влада на Борисов во која имавме дневна количина на навреди и кон нас, и како народ и нација“, рече Пендаровски.

„Не мислам дека ја влошува состојбата. Мислам дека се држи до тоа што му е надлежност и, се разбира, имаат и тие внатрешен политички контекст како и ние што имаме и треба да гледате и дека има таква внатрешна една конотација секоја негова изјава. Инаку, стриктно говорејќи во договорна смисла, владите преговараат меѓународни договори, владите потпишуваат, владите имплементираат. Претседателите се тука да помогнат во создавање на амбиент за да се дојде до договор. Сега, ако работиме лошо, можеме и да одмогнеме. Јас се надевам дека помагаме“, додаде шефот на државата.

Прочитајте и:  Мицкоски за пренамена на средствaта за Коридорот 8: Жалам што Бугарија за внатрешно-политички потреби прави политика од сето ова

На дополнително прашање за изјавите на Петков со критички тон кон него, Пендаровски е категоричен дека неговата средба со делегацијата на ОМО Илинден-Пирин воопшто не оди против Договорот за добрососедство од 2017 година.

„Јас имам спротивен став (од Петков), и сега што правиме? Јас тврдам дека мојата средба, не содржината на средбата, мојата сама средба со таа организација, со ОМО Илинден Пирин, воопшто не оди контра договорот од 2017-та и воопшто не станува збор за сили кои не сакаат добрососедство. Сега, дали имаат еднаква тежина мојата и неговата изјава? Еве, претпоставувам дека имаат. Јас тврдам дека тоа не е точно“, порача Пендаровски.

- Реклама -