ВМРО-ДПМНЕ доби нови потпретседатели и членови на Извршниот комитет

Гордана Димитриевска Кочовска и Тимчо Муцунски се двајцата нови потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ. Потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да бидат досегашните Владо Мисајловски и Александар Николоски, а Ѓорѓија Сајкоски и понатаму ќе остане генерален секретар на партијата.

Ова вечерва го соопшти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, по Централниот комитет, кој избра нови ќленови на Извршниот комитет на партијата.

„Ова е Извршен комитет кој е засилен и проширен со луѓе со интегритет и докажани професионалци во својата област, како и нови луѓе на кои им се дава шанса, продолжувајќи го трендот на давање на шанса на нови генерации во политиката кои ќе имаат за задача да се борат за принципите на ВМРО, и да ја оправдаат довербата од народот која е наша најголема обврска. Во составот на Извршниот комитет се дава шанса и се мобилизира интелектуалната сила во општеството која има за задача да ја прошири нашата заложба за промени, кои се чуствуваат и кои започнаа по локалните избори и мора да бидат комплетни по промена на централната власт, избори и нова влада за нова иднина за Македонија“, истакна Мицкоски.

Нови членови на Извршниот комитет се аналитичарот и долгогодишен граѓански активист Сашо Клековски, поранешната вицегувернерка на Народна банка – Маја Кадиевска-Војновиќ, Ристо Симеонов – специјалист по детска хирургија, доктор кој ја изврши првата трансплатација на бубрег кај дете во земјава. Тој е и претседател на Здружението на детски хирурзи на Македонија и член на европско и светско Здружение на детски хирурзи.

Прочитајте и:  СДСМ: Новата сила и енергијата на Конгресот ја вознемири ДПМНЕ

Во составот на Извршниот комитет се и доктор Мевмет Џафери од Маврово Ростуше, пратениците Ели Панова од Струмица и Миле Лефков од Кочани, Луке Галески, актуелен советник на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје. Нови членови се и актерот Зоран Љутков од Велес, кој е и претседател на Советот на општина Велес, и актуелната портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ – Марија Митева.

Мицкоски соопшти дека членови на Извршниот комитет остануваат да бидат и досегашните пратеници со политичко искуство Антонио Милошоски, Дафина Стојановска, Драган Ковачки, Рашела Мизрахи, докторот Олга Лозановска од Битола. Во Извршиот комитет останува и професорот Трајко Славески кој е и претседател на Советот на град Скопје, Влатко Ѓорчев, градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков и Марија Андоновска, која е и координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје.

По функција членови на највисокото извршно тело се и претседателот на УМС Сергеј Попов, претседателката на УЖ Жаклина Пешевска и првиот човек на Унијата на ветерани Мане Јаковлевски и кординаторот на пратеничката група Никола Мицески.

Нов секретар за меѓнародна соработка е Стефан Андоновски, кој е и актуелен советник во Град Скопје.

МИА

- Реклама -