Министерство за здравство демантира дека има потврден случај на омикрон во Струга

Не е извршено секвенционирање на брис кај пациент од Струга за да се утврди присуство на омикрон сојот, велат од Министерството за здравство откако претходно денеска епидемиологот од Центарот за јавно здравје – Јованка Струлакова-Коровешоска, информираше дека кај повозрасно лице од Струга е потврден случај на омикрон сојот на Ковид-19.

„Со секвенционирање на вирусот SarsCoV2 досега сојот омикрон е детектиран само кај еден пациент кој во државата пред извесно време се вратил од Велика Британија“, велат од Министерството за здравство, посочувајќи дека утврдување на присуство на сој на корона вирусот се врши единствено и исклучиво со секвенционирање, додека ПЦР тестирањето може да биде само индикација, но не и потврда дека пациент е заразен со сојот омикрон на Ковид-19.

„Досега на ПЦР тестови кај тројца пациенти позитивни на Ковид-19 е детектиран S-gene dropout, но нема извршено секвенционирање, односно нема потврда дека се заразени со омикрон. Тестирањата им се направени во приватна болница, а станува збор за пациенти од Прилеп, Велес и Струга. На пациентите им е направена епидемиолошка анкета и согласно протоколите во изолација се ставени лицата со кои биле во контакт“, се додава во соопштението.

Од Министерството за здравство воедно и апелираат на воздржување од давање паушални изјави и непроверени информации кои, како што велат, ги доведуваат граѓаните во заблуда и шират паника меѓу населението.

- Реклама -