Маричиќ: Судиите од Апелација да ѝ објаснат на јавноста по кој основ го пуштија Мијалков од притвор

„Одлуката на Апелацискиот суд во Скопје да го пушти од притвор Сашо Мијалков ја намалува и онака разнишаната доверба на граѓаните во судовите“, напиша на Фејсбук министерот за правда Бојан Маричиќ.

„Потсетувам дека Мијалков беше лице под реален ризик за бегство и повод за настани кои ја вознемирија целата македонска јавност“, додаде Маричиќ, алудирајќи на „исчезнувањето“ на Мијалков во февруари годинава, непосредно откако Кривичниот суд му изрече мерка куќен притвор во пресрет на изрекувањето на пресудата во случајот „Таргет-Тврдина“.

Според Маричиќ, судиите на Апелациониот суд во Скопје кои ја донеле оваа одлука – Ѓоко Ристов и Енвер Беџети, треба да ѝ објаснат на јавноста на кој основ ја донеле истата и на кој начин ќе ја преземат одговорноста доколку се случи повторно ризик од бегство.

„Судот иако е независен, должен е јавно да ги објаснува своите одлуки за да можат граѓаните да веруваат во судството. Апелирам до Судскиот совет да испита по која основа судиите ја донеле оваа одлука“, напиша Маричиќ на Фејсбук.

- Реклама -