Голема полициска акција претпладнево се одвиваше во населбата Диво Насеље и други локации во Куманово, како и во повеќе локации во Скопје и Тетово.
Како што соопштија од МВР, приведени се десет лица, меѓу кои и полициски и царински службеници. Деветмина се сомничат дека извршиле кривично дело криумчарење, тројца од нив за неовластена трговија со прекурсори, а кај еден бил пронајден и одземен кокаин.
„По преземени повеќемесечни мерки и активности по насока на Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога во содејство со Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Одделот за специјални полициски операции и СВР Скопје, спроведена е голема акција со претреси на повеќе локации во Куманово и Скопје, при што се лишени од слобода десет лица, и тоа Б.А.(35), М.А.(40), И.А.(45), И.Ф.(47), А.А.(43), сите од Куманово, А.Ж.(53), Т.Т.(54), Д.К.Ш.(43), Џ.Ш.(36), од Скопје и Љ.Љ.(36) од Тетово, меѓу кои тројца полициски службеници и петмина царински службеници. Деветмината се сомничат дека извршиле кривично дело ‘криумчарење’, а тројца од нив дека сториле и кривично дело ‘неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори’ по чл.215 од Кривичниот законик, додека при претрес кај А.А. бил пронајден и одземен кокаин“, соопшти МВР.
Во текот на месец ноември 2021 година четворица од нив, меѓу кои двајца полициски службеници, во два наврата учествувале во неовластено пренесување заради продажба на прекурсори, од царинската испостава на Меѓународен аеродром Скопје до зелениот појас во близина на државната граница меѓу Македонија и Косово. Притоа, осомничените царински службеници постапиле спротивно на нивните службени надлежности и не извршиле соодветна контрола на стоката согласно декларираната.
Јавното обвинителство соопшти дека надлежен јавен обвинител донел наредба за спроведување на истражна постапка против деветте лица од кои двајца полициски службеници и петмина царински службеници. Лицата, како што посочија оттаму, се осомничени дека сториле кривично дело криумчарење, а на тројца на товар им се става и кривичното дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
„Осомничените царински службеници спротивно на нивните службени надлежности, и покрај тоа што за пристигнатата стока модулот за управување со ризик при системот СОЦДАД определил црвен кана – што подразбира задолжителен детален преглед со кој ќе се спореди фактичката состојба со декларацијата, не постапиле и не извршиле соодветна контрола со која би ги утврдиле неправилностите. Со ваквото постапување како службени лица овозможиле преку царинска линија пренесување на стоки различни од декларираните“, соопшти Јавното обвинителство.
Надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, ценејќи дека се исполнети условите, најави ќе му предложи на судот на сите осомничени да им биде изречена мерка притвор.
Обвинителството, МВР и Царинската управа продолжуваат со интензивна работа во насока на расчистување на случајот.
Извор: МИА