Тирана, 20 ноември 2021(МИА) – Летните месеци од оваа година бележат рекордно зголемување на бројот на баратели на азил од Албанија во земјите на Европската унија, со што и понатаму се најбројни споредено со земјите од регионот, пренесува Ора њуз.
Според статистичките податоци на Европската канцеларија за азил, во август поднесени се 1.400 барања од албански граѓани, што е зголемување за 46 отсто во споредба со јули и повеќе од двојно во однос на јуни.
„Во август, од вкупната бројка барања 1.198 се нови, додека 234 повторени барања, а позитивно биле решени, односно статус на бегалец добиле само 10 лица. Во 2020 година пандемијата привремено ги суспендираше апликациите поради карантин и ограничувања за патување, но не ги спречи целосно. Повикувајќи се на статистиката, првпат по речиси две години, Албанците се меѓу граѓаните на десет земји од светот со најголем број апликации за азил во земјите на ЕУ“, наведува телевизијата.
Во периодот јануари-август имало 5.340 барања за азил, од кои 1.358 се повторни барања. Повеќе од 1.700 предмети се во постапка повеќе од 6 месеци.
„Во споредба со другите земји од регионот, Албанците го држат рекордот по број на барања во август, што резултира со речиси четири пати повисоки од втората земја по нас, а тоа е Северна Македонија. Потоа следува Србија со 330 барања, па Босна и Херцеговина со 157, Косово со 148 и Црна Гора со 21 барање за азил“, посочува Ора њуз.