Хамилтон: ГН на Бразил беше можеби најдобриот викенд во цела моја кариера

Возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон, проговори за емоциите кои ги доживеа по победата на Големата награда на Бразил.

„Тоа беше тежок викенд за сите. Мислам дека бев инспириран од концентрацијата и одлучноста на сите во тимот. По казната поради замена на моторот, сите во тимот останаа позитивни и одлично се претставија. Механичарите работеа фантастично и имавме силна стратегија“, изјави Хамилтон.

Британецот додаде дека етапата во Бразил бил најдобриот викенд за него во тековната сезона, а можеби и во кариерата.

„Тешко беше да се пробиеме до врвот, но знаев дека тоа може да биде возможно и само ја дадов сета моја сила. Ова е дефинитивно еден од најдобрите викенди за мене, ако не и најдобар во мојата кариера“, нагласи Хамилтон.

Триесет и шестгодишниот возач во спринтот успеа да се пробие од 20. место на петтото, а во трката тргна од 10-то поради казната и на крајот стана победник на Големата награда на Бразил.

Во моментов, возачот на Ред Бул, Макс Верстапен (332,5 поени) е на првото место во Генералниот пласман во Формула 1. Хамилтон е на второто место со 318,5 бодови. На третата позиција е Валтери Ботас, исто така пилот на Мерцедес (203 поени).

МИА

- Реклама -