Опозицијата си замина барајќи предвремени избори, Николоски им порача на „киднаперите“ порано да го пуштат Реџепи

Витешки ден за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ и нивните стратешки партнери, а од другата страна уште еден ден кој ќе остане запишан во црните страници на историјата. Вака ги оцени денешните случувања потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Александар Николоски, вечерва пред Собранието во изјава за медиумите, заблагодарувајќи и им и на новинарите за напорниот ден и ревносното следење и информирање за состојбите.

Како што рече тој, си заминуваат од Собранието и оставаат владејачкото „мнозинство“ да оцени што ќе прави со Иницијативата за недоверба на владата.

„Денес во Македонија се погази демократијата. Денес во Македонија беше киднапиран пратеник, денес во Македонија видовме како режимот на власт се трансформира во најкриминоген режим воопшто виден на просторот на Европа. За тоа ќе има одговорност, многу побрзо од тоа што мислат ќе дојде денот кога ќе одговараат сите оние коишто денеска киднапираа пратеник и сите оние коишто денеска одземаа телефони на пратеници, ги чуваа пратениците во одредени простории за да не можат да излезат и да комуницираат и направија сѐ да македонската демократија денеска е погазена. Но, не за долго, како што кажав, за тоа ќе има одговорност“, изјави Николоски.

„Очигледно е дека криминалниот режим на власт се обидува по секоја цена да остане таму. Тоа нема да трае долго, како што кажав; од овде вечерва имам јасна порака во име на целата коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Обнова на Македонија, а тоа е дека најбрзото и наједноставно решение за излез од оваа политичка криза а сега и безбедносна, и здравствена, и енергетска криза, е брзи предвремени избори во најкус можен рок“, порача Николоски.

Прашан зошто смета дека треба да се оди на избори, Николоски посочи дека ваквата ситуација е неодржлива, со власт која има 59 пратеници, наспроти 60 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата и партнерите, исклучувајќи го пратеникот кој, според него, е киднапиран.

Прочитајте и:  Касами: „Вреди“ функционира одлично, владината коалиција е коректна

„На пратеникот му посакувам сѐ најдобро и се надевам дека за брзо ќе биде ослободен. Веројатно ќе го ослободат по 24 часот кога ќе помине оној рок за гласање или можеби и порано, затоа што еве ние заминуваме, така што нема потреба да го држат. Еве да им порачам на тие коишто го држат киднапиран, нека го ослободат затоа што ние после овој прес ќе си заминеме, нема потреба да го држат човекот до 12“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Така што власта нема легитимитет а нема ни бројки во Собранието, и единствен начин да се реши оваа криза се брзи предвремени избори, додаде тој.

Во однос на идните чекори на опозицијата, а со оглед на ставот на Димитар Апасиев од Левица дека потребна е политичка радикализација, Николоски рече дека ќе се договорат, но дека ќе се оди на сѐ што е потребно за да се стигне до брзи предвремени избори што поскоро, вклучително и евентуална лидерска средба.

Прашан за изјавата дека на пратеници им биле одземени телефоните, Николоски појасни дека се работи за пратеници на СДСМ за кои, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ има сознанија дека не можеле денеска да ги користат. Ги повика тие пратеници да потврдат дали било така. И за наводното држење пратеници во простории Николоски рече дека се работи за пратеници на СДСМ.

На новинарско прашање, потпреседателот на ВМРО-ДПМНЕ потврди и дека во текот на целиот ден за случувањата ги информирале амбасадите и меѓународната заедница и стратешките партнери на државата, како ЕУ и САД.

- Реклама -