Села до Реџепи: Ако зборуваме за антиалбанство, зошто се спомнува само Левица, а не и ВМРО и СДСМ?

Претседателот на Алијанса за Албанците – Зијадин Села, денеска ја коментираше изјавата на пратеникот на Алтернатива – Скендер Реџепи-Зејд, кој претходно истакна дека неговиот потпис ќе биде дел од потписите за уривање на владата под услов на тој список да не бидат потписите на Левица. Села рече дека тоа не е причина да се констатира дека новото парламентарно мнозинство е пропаднато.

„Човекот кога има некоја грижа се обидува да најде неосновани изговори и лаги. Никој не е дете и секој знае дека листата што е потпишана е потпишана за да падне владата. Идејата за владата да падне, да има ново мнозинство, е граѓаните да бидат послободни. Кога зборуваме за слободата нема потреба никој никого да манипулира. Нема да навлегувам во детали затоа што воопшто не е вистинито тоа што го слушнав. Немам потреба некого да мамам. Секогаш сум бил отворен, особено сум внимателен со пратеници кои се дел од коалицијата и идејата е граѓаните слободно да одлучат по своја волја на избори, ако констатираме дека еден државен апарат ја ограничува слободата и ги уценува граѓаните“, рече Села.

Според Села, ставот на Реџепи-Зејд не мора да значи дека е пропаднато новото парламентарно мнозинство бидејќи е најавено дека денеска ќе почне процедурата.

„Премиерот се двоуми дали да даде оставка или не, ние како опозиција му помагаме да го натераме да се одлучи за оставката. За таква постапка е потребно 20 пратеници. Ние имаме 61 потпис на пратениците што е доволен број за да падне овој хибриден режим“, посочи Села.

Прочитајте и:  Левица поднесе интерпелација против Илире Даути за блокадата на законот за бранители

Прашан дали за него се проблематични потписите на Левица, тој истакна дека целата работа што се тера е дел од ПР на ДУИ.

„Се зборува за една политичка партија која што е сега формирана и која има два пратеника. Тие ниту се во можност да ја тргнат Македонија од патот на НАТО, ниту се во можност да го тргнат јазикот од законот за упопотреба за јазиците, а на никаков начин не можат да го тргнат признавањето на Република Косово. Овој начин на водење на ПР е многу низок и го покажува лицето на ДУИ, на кои им е важна само власта. Ако треба да се зборува за нешто антиалбанско зошто не се зборува за СДСМ или за ВМРО? Или се плашат дека некој ден треба да седнат со нив за да прават власт, а сега се занимаваат со некој потпис на политичка партија која е потпишана само за да падне ова влада“, рече Села.

МИА

- Реклама -