„Оваа недела вашиот глас одлучува за иднината на Скопје. Одлуката сега е ваша дали нашиот град ќе продолжи да стагнира или ќе се движиме сите заедно напред за чист, организиран и зелен модерен европски град. Ова е одлуката што треба да се донесе за нашиот град, за наше Скопје“, порача во видео обраќање независната кандидатка за градоначалник на Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ – Данела Арсовска.
Според неа, некому политичките кариери му се поважни од граѓаните.
„Видовме срамна црна кампања со лаги, фалсификувани документи, па дури и лични закани кон мене и моето семејство. Но, јас не се плашам. Ние скопјани не се плашиме. Бидејќи никој не може да ја сопре промената искажана преку волјата на народот. Никој не може да ја сопре промената на позитивно“, истакнува Арсовска.
Таа од скопјани побара поддршка бидејќи, како што рече, заедно може Скопје да го направат модерен град.
„Со вашиот глас за мене ќе кажете не на понижувањата, на досегашните лаги, на неисполнетите ветувања. Време е граѓаните да почувствуваат дека живеат во среден град, град кој ќе се грижи за скопјани. Јас не сум политичар, јас сум менаџер. Но, пред сѐ, јас сум граѓанин во овој град“, истакна Арсовска.
Таа вели дека со напорна работа и со квалитетно менаџирање се обврзува Скопје да го направи модерен европски град, за поубав живот за сите граѓани.
„Скопје ќе има среден сообраќај, бесплатен јавен превоз, чисти улици и заштитени зелени зони. Скопје ќе има функционални јавни услуги што ќе го одржуваат градот и ќе бидат во служба на граѓаните 24 часа секој ден во неделата, нагласи Арсовска и ги повика граѓаните да гласаат за 82“, за подобра иднина за Скопје.