„Демантирав и не знам колку пати ќе треба да го повторам дека немам бугарска лична карта“, изјави кандидатката за градоначалник на Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ – Данела Арсовска, вчера во „Само интервју“ на ТВ „Канал 5“.
„И низ постапка ќе ги докажам сите лаги почнувајќи од првиот ден… да не набројувам колку лаги изнакажаа од самиот прв ден“, додаде таа.
Прашана дали датумот на раѓање на личната карта што СДСМ тврди дека е нејзина и ѝ е издадена од бугарските власти е само коинциденција, Арсовска рече дека сѐ уште не го проверила документот, но на прашање од новинарот потврди дека е родена на 20 декември 1979 година.
„Ќе ги провериме, верувајте. Прво, името… Јас своето име никогаш не сум го променила и ниту имам намера да го проверам. Знаеме кој го промени името и верувајте ми дека барем јас за своето, исто како и за Сојузот на стопански комори на Македонија каде што досега сум била претседател, таму исто така, и покрај тоа што голем број организации го променија својот назив, јас името не го дадов“, рече Арсовска.