Заев: Работиме на создавање највисоки стандарди за владеење на правото

„Денеска прогресивните демократии го одбележуваме Европскиот ден на правдата во чест на владеењето на правото, правната држава и независното правосудство, како врвни европски вредности“, објави на Фејсбук премиерот Зоран Заев.

„Оваа година на Европскиот ден на правдата говориме за уште една силна потврда за напредокот во имплементацијата на реформите и европските стандарди во областите владеење на правото и борбата против организираниот криминал и корупција.

Европската Комисија во својот извештај за прогресот на Северна Македонија нотира храбри и силни чекори за борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и за владеење на правото. Тоа е јак сигнал и знак дека реформите се на добар пат и дека треба да продолжат на истиот пат“, пишува премиерот.

Дополнително, реформите на кои посветено се работи даваат и конкретни резултати, вели тој, наведувајќи дека:

• Реформираниот Судски совет разреши 16 судии поради пропусти во работата;
• Во Кривичниот законик се воведуваат нови кривични дела „Демнење“ и „сексуално вознемирување“ како одговор на злоупотребата на интернет каналите за комуникација;;
• Судството се дигитализира, се дигитализираат услугите за граѓаните;
• Со законски измени значително се зголеми заштитата од напад врз новинарите;
• Донесени се дополнителни законски измени за заштита на жените од насилство;
• Во континуитет се реконструираат затворите;
• Спроведен е #Попис2021.

„Денеска, кога го одбележуваме Европскиот ден на правдата имаме само една порака: Владата продолжува цврсто и одлучно да работи на создавање на највисоки стандарди за владеење на правото и за работа на независниот правосуден систем.

Тоа е нашиот избор за храбри чекори на европскиот пат. Единствениот пат кој носи европски стандарди и подобар живот“, порача Заев.

- Реклама -