Македонскиот дел на Мултидисциплинарната експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија излезе со реакција по повод соопштението на членот на Комисијата, проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, за негова оставка.
Во продолжение го пренесуваме соопштението во целост:
„Во врска со соопштението за медиумите на нашиот почитуван колега д-р Ванчо Ѓорѓиев за неговата оставка од Комисијата, би сакале да го истакнеме следново. Со колегата д-р Ѓорѓиев изминатите три години заедно и посветено работевме во Комисијата и донесовме добри решенија со кои сметаме дека помагаме во надминување на спорот помеѓу двете држави, зачувувајќи ги националните интереси на македонската држава, Македонците и другите етнички заедници и затоа сме крајно изненадени од тврдењата во неговото соопштение.
Истовремено, сакаме да потенцираме дека научните принципи во работата на Комисијата биле, се, и ќе останат непроменети и дека не постои никаква основа да се тврди дека постои нов принцип на работа, ниту политички притисок од МНР, Владата или политичките партии.
Исто така, вчерашните и денешните разменети предлог-идеи во ништо не отстапуваат или, пак, се разликуваат од досега разменетите предлози и пристапот кој е усогласен од сите членови на македонскиот дел од Комисијата од самиот нејзин почеток и кои во ништо не ги нарушува или, пак, се спротивни на македонскиот идентитет, национални интереси и спомнатите во соопштението на колегата Ѓорѓиев црвени линии усвоени во Собранието“, велат од комисијата.