Вархеји: Мора да испорачаме за Северна Македонија и Албанија пред крајот на годинава

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји ги презентираше извештаите за реформскиот напредок на земјите од Западниот Балкан и Турција пред европратениците и повика итно да започнат преговорите со Скопје и Тирана, јави дописничката на МИА од Брисел.

„Работиме одблизу за да ја деблокираме ситуацијата и да го решиме проблемот за оваа тешка тема. Засега не бевме успешни но имаме надеж. До крајот на оваа година мораме да испорачаме, не смее ова да се доведе во прашање и на нас е да испорачаме. Кога велам нас, мислам на сите земји членки на ЕУ, мислам и на Северна Македонија која е партнер во ова. Патував во двете престолнини и сѐ уште сум подготвен да помогнам, но може ова да бара поголема посветеност“, изјави Вархеји во Европскиот парламент денеска.

Тој додаде изборните циклуси кај нас и во Бугарија во овој период не се од помош, но подвлече дека проблемот мора да се надмине.

Вархеји, исто така, ги повтори заклучоците од извештајот за Северна Македонија – дека земјата покажала одлучност и истрајност во реформите, вклучително и во владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал, и дека ова треба да продолжи со дополнителни напори за реформата на јавната администрација.

Извор: МИА

- Реклама -