МЗ: Од август наваму, 83% од починатите од ковид не биле вакцинирани

Во периодот од 6 август до вчера (14 октомври), регистрирани се вкупно 40.208 позитивни на Ковид-19. Од нив, 25% биле целосно вакцинирани (* за вакцинирани, како што се посочува, се сметаат лицата кои примиле две дози и поминале најмалку 14 дена од апликацијата на втората доза), односно 10.066 лица, покажува анализата што ја објави Министерството за здравство.

Како што наведуваат од министерството, голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле од ковид. Според статистиката за изминативе два месеца, 74.9% односно 30.142 од позитивните на Ковид-19 не биле вакцинирани.

Понатаму, од хоспитализираните лица во моментов, 79% се невакцинирани, а 21% се целосно вакцинирани.

Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во периодот од 6 август до вчера, на територија на државата починале 1.382 пациенти со Ковид-19. Од нив, 83% (односно 1.149 пациенти) не биле вакцинирани, а само 17% (односно 233 пациенти) примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас, додаваат од министерството.

Оттаму посочуваат дека секоја вакцина која ја има на располагање во државата е безбедна и апелираат граѓаните да се вакцинираат, бидејќи, како што се наведува, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2.

- Реклама -