Ковид сертификатите задолжителни и за работа од дома?

Во Словенија, дури и вработените кои работат од дома, ќе мораат да имаат потврда за имунизација за да можат да продолжат да работат, објавија словенечките медиуми повикувајќи се на Министерството за труд.

Словенија претходно воведе ковид сертификати за работа, влез во трговски центри, влез во јавен превоз (освен за ученици), како и за разни услужни дејности и јавни установи. Министерството сега појасни дека обврска да достават потврда дека се имунизирани, имаат прележан ковид или негативен тест – имаат и оние кои работат од дома.

Ако овие вработени немаат таква потврда, тогаш ќе мораат да се тестираат со брз антигенски тест за самотестирање најмалку еднаш неделно, а потоа работодавачот мора датумот на тестирање и резултатот од тестот, со потпис, да ги испрати до надлежното тело, при што трошоците за тестирањето ќе ги сноси самиот работодавач.

Доколку вработениот тоа не го направи, ќе се смета дека ги прекршил обврските кои произлегуваат од работниот однос и согласно тоа работодавачот ќе може да го казни во согласност со Законот за работни односи, велат од словеченкото Министерство за труд.

Од друга страна, словенечките угостители бараат укинување на задолжителните ковид сертификати, со аргумент дека им паѓа прометот, но и дека имаат критичен недостаток на кадар за да можат да спроведуваат контрола на гостите. Во отвореното писмо до владата, тие предупредуваат дека сѐ повеќе угостителски работници преминуваат во други професии и дејности.

Претходно и Синдикатот на полицајци на Словенија, до Уставниот суд, поднесе иницијатива за оценување на уставноста на владината одлука со која сите државни службеници, освен оние кои имаат медицински причини, ќе мораат да се вакцинираат за да останат на своите работни места, со тоа што првата доза мора да ја примат најдоцна до крајот на септември.

Како што предупредуваат од синдикатот, „продолжувањето со таквите недозволиви пракси би можело да доведе и до удар врз другите човекови права и основни слободи, при што жpтви би можеле да станат сите граѓани“.

Извор

- Реклама -